„Садако сака да живее“ – нова премиера во Театарот за деца и младинци – Скопје

Театарот за деца и младинци – Скопје на 13 март 2026 година (петок), со почеток во 19:00 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Садако сака да живее“, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ од Хрватска, работена според мотиви од истоимениот роман на Карл Брукнер.

Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима кое, по трагичните последици од атомската бомба, стана светски симбол на мирот, надежта и волјата за живот. Низ емотивна приказна, претставата го истражува сеќавањето на едно девојче кое, и покрај тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, во љубовта и во надежта.

„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот – за радоста, упорноста и човечката сила што се спротивставува на темнината. Инспирирана од вистински настани, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни и претставува силно потсетување на значењето на мирот и човечката солидарност.

Според режисерката Кучиновиќ, претставата е сценско сеќавање на животот на Садако Сасаки. Во нејзината основа се наоѓаат приказната за Садако и јапонската легенда дека со илјада хартиени жерави ќе ја победи смртта. Претставата се осврнува на темите на мирот, надежта и човечката издржливост, потсетувајќи на силата на детските соништа дури и во најтешките историски околности.

Во претставата настапуваат: Анастасија Ласовска во улогата на Садако, Никола Наковски како Шигео, Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на мајката, Катарина Илиевска-Силјановска како таткото, Изабела Новотни во улогата на бабата и Марија Ѓорѓијовска во улогите Господин Војна / Госпоѓа Леукемија.

Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Кучиновиќ (режија, драматизација и дизајн на светло), Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ (музика), Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург), Ѓуро Дракулоски (инспициент), Љубица Велкова (изработка на костими), Влатко Стефановски (мајстор на тон) и Мартин Митровски (мајстор на светло).

Зачлени се на нашиот е-билтен