30 часа без прекин Русија го бомбардира Киев

Киев и неговата околина речиси 30 часа се под бранови руски напади со дронови и ракети, во една од најдолгите воздушни кампањи врз украинската престолнина во последниот период. Најмалку 37 лица загинаа во нападот врз селото Мила, западно од Киев, каде руски дрон погоди магацин и предизвика серија силни детонации и огромен пожар.

Нападите врз Киев и околината траат речиси непрекинато од четвртокот, со повторливи бранови на беспилотни летала кои ги принудуваат жителите со часови да остануваат во засолништа. Украинските власти велат дека руската армија во последните денови значително го засилила воздушниот притисок врз главниот град, обидувајќи се со голем број дронови да ја исцрпи противвоздушната одбрана.

Најтешки последици има во Бучанскиот реон. Околу 20:10 часот во петокот руски дрон погодил објект во селото Мила, на околу пет километри западно од Киев. По првиот удар избувнал пожар, а потоа следувале детонации на муниција складирана во објектот. Според последните информации, загинале најмалку 37 луѓе, 42 се повредени, меѓу нив и четири деца, а неколку лица сè уште се водат како исчезнати.

Експлозиите оштетиле повеќе од 100 станбени објекти, а погоден бил и дом за стари лица и лица со попреченост. Стотици жители биле евакуирани, додека повеќе од 300 припадници на итните служби биле вклучени во гаснењето на пожарите, расчистувањето на урнатините и потрагата по исчезнатите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека во погодениот објект имало муниција и побара истрага за тоа како таа била складирана толку блиску до населени куќи.

Украинските прописи забрануваат складирање муниција во непосредна близина на станбени објекти, а Зеленски порача дека одговорност ќе мора да има и за оние кои дозволиле опасниот материјал да биде сместен на таква локација. Украинската служба за безбедност отвори кривична постапка и за рускиот напад и за можната негрижа при складирањето на муницијата.

Русија, пак, тврди дека погодила воен магацин во кој се чувале компоненти и погонски системи за украински далекуметни дронови. Москва соопшти и дека во истиот бран напади биле гаѓани објекти во Миколаив, Измаил и други делови од Украина. Украинските власти не ги потврдуваат сите руски тврдења за погодените цели.

Нападите не се ограничени само на Киев. Во Херсонската област во саботата загинаа уште две лица, а повеќе од 20 беа повредени во руски напади врз населени места. Украинските власти предупредуваат дека Москва во последните денови ја зголемува употребата и на нови, побрзи типови дронови кои потешко се пресретнуваат.

Триесетчасовната воздушна кампања сериозно го наруши секојдневниот живот во Киев. Воздушните тревоги се повторуваат во текот на денот и ноќта, делови од транспортниот систем работат со прекини, а железничкиот сообраќај бележи големи доцнења.

Нападот кај Мила е меѓу најсмртоносните во Украина оваа година. Бројот од најмалку 37 жртви го надмина билансот од нападот врз Киев на почетокот на јули, кога загинаа 30 лица.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?