Брзата интервенција на пожарникарите спречи можна експлозија на метан по пожарот што избувна во пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци, во општина Кочани. Инцидентот се случил на 12 март околу 20:30 часот, кога огнот зафатил дел од цевките на инсталацијата за пренос на метан, што претставувало директна закана за главниот резервоар со гас.
Пожарот бил локализиран од страна на Територијалната противпожарна единица и доброволни пожарникари, кои со неколку возила и осуммина пожарникари успеале брзо да ја стават ситуацијата под контрола. Во првичниот обид да се изгасне огнот интервенирале и локални жители, а тројца од нив побарале лекарска помош поради вдишување чад.
Објектот е во сопственост на јавното претпријатие ЈП Водовод – Кочани. Иако е предизвикана материјална штета, постројката продолжува со работа, додека надлежните институции вршат увид за да ги утврдат причините за пожарот и евентуалните безбедносни пропусти.
Надлежните најавија технички проверки на инсталациите и проценка на штетата, со оглед дека евентуална експлозија на метанот можела сериозно да ги загрози околните населени места и функционирањето на клучната инфраструктура за прочистување на отпадните води во регионот.
МВР и официјално го потврди настанот.
Во нивното соопштение се вели дека од екипа од Територијалната противпожарна единица Кочани пожарот бил изгаснат. Лицето В.И. (56) од с. Мојанци кој го пријавил пожарот, додека бил на своето работно место како чувар и при обид да го изгаси пожарот со ПП апарат со помош на двајца соселани, тројцата вдишале чад, при што од Итната медицинска помош им била укажана лекарска помош.
За настанот биле известени јавен обвинител и инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување Кочани.
Увид се врши во текот на денешниот ден.