Иран: Украина може да биде легитимна цел заради поддршката на Израел

Украина

Целата територија на Украина би можела да стане легитимна цел за ирански воени напади поради поддршката што Киев наводно му ја дал на Израел во неговата кампања против Техеран, изјави Ибрахим Азизи, претседател на Комитетот за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент.

Според него, вклучувањето на Украина во израелските активности, особено во областа на беспилотните летала, би претставувало директно поврзување на Киев во конфликт со Иран, што, тврди тој, би имало сериозни последици.

„Со поддршка на израелскиот режим со беспилотни летала, пропаднатата Украина ефикасно се вмеша во војната и, во согласност со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ја претвори целата своја територија во легитимна цел за Иран“, рече Азизи.

Сепак, медиумите забележуваат дека засега нема официјални потврди за конкретна воена соработка меѓу Киев и Израел во областа на беспилотните летала. Информациите за таквата соработка досега не се потврдени ниту од украинските ниту од израелските власти.

Во исто време, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека испратил група украински експерти во неколку земји од Блискиот Исток. Според него, специјалистите биле испратени во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, каде што треба да работат на зајакнување на соработката и безбедносните контакти со овие земји.

Во меѓувреме, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека на Вашингтон не му е потребна помош ниту од Украина ниту од Велика Британија во операциите на Блискиот Исток, нагласувајќи дека САД се способни самостојно да ја спроведуваат својата политика во тој регион.

Изјавите на Азизи се потврда за сè поизразеното глобално прелевање на овој конфликт, во кој, барем политички и дипломатски, се вклучени сè поголем број земји. Во такви околности, секое потенцијално проширување на фронтот или вклучување на нови актери би можело дополнително да ја комплицира веќе нестабилната безбедносна ситуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен