Европа повторно бара спас од скапата енергија

вештачката

Европа повторно влегува во познато сценарио: раст на цените на енергијата, страв од нов удар врз индустријата и барање итни мерки за да се амортизира шокот кај домаќинствата и компаниите. Повод овојпат е новата блискоисточна криза, која ги оттурна нагоре и нафтата и гасот и повторно ја отвори старата европска слабост, зависноста од увезена енергија. Според Ројтерс, министрите за енергија на ЕУ деновиве разгледуваат нови мерки, меѓу кои ограничување на цената на гасот, државна поддршка за индустриите и даночни олеснувања.

Во основата на проблемот е фактот што во европскиот модел цената на гасот често ја оттурнува нагоре и цената на струјата, дури и кога голем дел од електричната енергија доаѓа од поевтини извори. Затоа Брисел сега не размислува само за краткорочни интервенции, туку и за промени во начинот на кој се прелева цената на гасот врз целата сметка за електрична енергија. Урсула фон дер Лајен потврди дека Европската комисија подготвува различни опции, вклучително и подобра употреба на долгорочни договори, државна помош и можност за субвенционирање или ограничување на цената на гасот.

Но овојпат Европа влегува во кризата со многу помалку простор за маневар отколку во 2022 година. Тогаш државите од ЕУ потрошија стотици милијарди евра за да ја ублажат претходната енергетска криза, а сега буџетите се под поголем притисок, дефицитите се повисоки, а каматните трошоци поскапи. Ројтерс наведува дека владите сега веројатно ќе се држат до многу потаргетирани мерки, наместо до широки и скапи пакети какви што имаше по руската инвазија врз Украина.

Пазарниот притисок веќе се чувствува и во бројки. Гасот во Европа порасна за повеќе од 50 отсто од почетокот на војната, додека нафтата се искачи кон нивоа блиску до врвовите од 2022 година. Во исто време, еврозонската индустрија влезе слабо во годината: индустриското производство во јануари паднало за 1,5 отсто на месечно ниво, а Ројтерс предупредува дека новиот енергетски шок дополнително ќе ја зголеми маката на сектор што веќе со години стагнира.

Зачлени се на нашиот е-билтен