СДСМ денеска соопшти дека Извршниот одбор донел одлука и иницирал постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на партијата. Според партиското соопштение, одлуката е донесена на денешна седница на ИО, со што случајот влегува во формална внатрепартиска процедура и добива дисциплинска, а не само политичка димензија.
Во објавенето соопштение СДСМ изнесува и директни политички обвинувања на адреса на Шилегов. Партијата тврди дека тој е уценет и дека, како што наведува, „одработува за ВМРО“. Во истото соопштение СДСМ ја поврзува оваа одлука со сопствените тврдења дека ја разоткрила, како што наведува, бизнис шемата на Христијан Мицкоски во енергетиката, „од Адамовиќ до Руднап“.
Партијата оценува дека по тие обвинувања станало јасно зошто, според неа, постојат обиди за рушење на СДСМ. Во соопштението се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е во пад и дека единствената опција што ѝ останала е да се обиде да ја урне СДСМ одвнатре. Во тој контекст, СДСМ наведува дека станува збор за, како што ја нарекува, „платформа за рушење на СДСМ“.