Министерство за одбрана: Во континуитет работиме на подобрување на условите во касарните

касарни

Министерството за одбрана е целосно транспарентно со јавноста за комплетната состојба во одбраната и во Армијата и за тоа секогаш информираме со факти на активности на кои се повикани сите медиуми без исклучок. Не станува збор за ПР кампања, туку за информирање на јавноста и граѓаните чии пари се инвестираат во одбраната. Затоа нè зачудува фактот со каква леснотија Александар Насковски упатува навредливи зборови кон претставниците на медиумите кои се одзиваат на поканите.

Инфраструктурата во дел од армиските касарни не е на највисоко ниво, и за тоа сме целосно свесни. Еден неоспорен факт е дека постојат армиски објекти во кои не се инвестирало не 35, туку и повеќе од 50 години. Реалноста е дека Министерството за одбрана предводено од министерот Владо Мисајловски вложува досега рекордни средства во реконструкција на објекти кои половина век биле оставени на забот на времето.

Согласно приоритетите кои произлегуваат од Армијата во континуитет се работи на подобрување на објектите, на извршување на градежни активности и во другите касарни кои опфаќаат изработка на: проектно техничка документација, изградба, поправки, реновирање и реконструкции, оспособување, адаптации на објекти, како за сместување, работа, така и објекти наменети за чување и одржување на опремата која се набавува. Се работи за активности од аспект на енергетска ефикасност на објектите, комплетна замена на водоводната и електрична мрежа, грејните тела, кровната конструкција, системи за противпожарна заштита и се она што е потребно објектите да бидат функционални и безбедни, се со една цел, да им овозможиме на нашите припадници услови за работа како што би доликувало за една Армија. И за сето тоа што е запоставено со години наназад, се вложуваат максимални напори оваа состојба да се промени на подобро.

За оваа 2026 и 2027 година се предвидени околу 12 милиони евра за реализација токму на овој вид градежни зафати низ сите касарни.

Сето ова се реални, фактички податоци за степенот на инвестиции во инфраструктурата на одбраната и Армијата.

Но, иако овој факт добро е познат и на изворот на информацијата (Независниот синдикат на професионални војници СО), се пласираат нецелосни информации со кои се извртува сликата за тоа колку Министерството и министерот се посветени на развојот на инфраструктурата во одбраната и Армијата.

За кредибилитет на личноста која го пласира сето ова говори и фактот дека за истото лице до надлежните институции од страна на Министерството за одбрана е поднесени се кривични пријави за сторени повеќе кривични дела.

Зачлени се на нашиот е-билтен