Најавата за регионална „Скопската иницијатива“ од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, иако во оваа фаза отвора повеќе прашања отколку што дава одговори, формално може да се препознае како регионална платформа за соработка меѓу прогресивни партии од Балканот.
Амбициозна рамка, скромни детали
Според тоа што го изјави Филипче, јасно е дека „Скопска иницијатива“ треба да обедини партии од регионот околу три столба: европска интеграција, борба против корупција и спротивставување на авторитарни политики.
Во наративот и во контекстот на кој беше најавена, иницијативата звучи како обид за создавање нов „проевропски фронт“ на Балканот – нешто што во минатото често се најавувало, но ретко се реализирало во трајна форма.
Секако дека е рано и она што недостасува се суштинските елементи кои дополнително се очекуваат да бидат соопштени. На пример: јасна структура, список на учесници, ниту пак дали иницијативата ќе резултира со формална организација или ќе остане на ниво на политички форум.
Иако е неблагодарно во оваа фаза да се прогнозира, но многу поверојатно е дека ќе биде второто – регионален политички форум. Но тоа не значи така се намалува важноста. Напротив, тој тип на форуми знае да биде прилично рефлектирачки кога станува збор за ширење и афирмација на политики кои се заеднички за регионот.
Регионална платформа или партиска мрежа?
Ако сакаме да одиме подалеку во претпоставките, аналитички гледано, „Скопската иницијатива“ повеќе наликува на партиска интернационала во мало, отколку на нов регионален механизам со институционална тежина. Ако се земе предвид дека се најавува учество на сродни, социјалдемократски, партии, тогаш станува збор за обид за идеолошко поврзување, а не за државничка иницијатива.
Се разбира, тоа не е нужно негативно. Ваквите мрежи постојат и на ниво на Европската Унија, без разлика на тоа дека ефектот најчесто останува во доменот на политичка координација и јавен настап.
Домашната димензија: порака кон власта
Во македонскиот контекст, не е тешко да се претпостави дека „Скопска иницијатива“ има и јасна внатрешно-политичка функција. Со неа, СДСМ се обидува да испрати порака дека:
- не е изолиран политички фактор
- има регионални партнери
- нуди алтернатива на актуелните политики на власта
Со други зборови, „Скопска иницијатива“ може да се чита и како обид за репозиционирање на СДСМ по изборните порази – преку враќање на наративот за европеизација и регионална соработка.
Тоа воопшто не е стратегија која треба да се потцени, особено зашто во актуелниот момент на СДСМ ѝ треба енергизирачка иницијатива којашто ќе ја врати на позициите на влијателна политичка сила која претендира да биде сериозна алтернатива на власта.
Ризици: од најава до симболика
Историјата на Балканот е полна со слични иницијативи кои останале на ниво на декларации или на недовршени или опструирани вакви или слични проекти. Главниот ризик за „Скопската иницијатива“ е да се претвори во:
- еднократен настан (конференција/самит)
- без конкретни политики или резултати
- со краткорочен медиумски ефект
Дополнително, без јасна поддршка од европски институции или влијателни меѓународни актери, нејзината тежина ќе биде ограничена. Но, како што рековме погоре, Европа има искуство со вакви иницијативи и ги препознава како вредни за поддршка, особено ако се „исполнети“ со европската идеја, а „Скопска иницијатива“, тргнува токму од тоа. Барем според најавата на Филипче.
Како заклучок, може да се каже дека во оваа фаза, „Скопска иницијатива“ е повеќе политички сигнал со порака за амбиција.
Дали ќе прерасне во нешто повеќе ќе зависи од следниот чекор: дали ќе остане на ниво на говори и форуми – или ќе се претвори во конкретна иницијатива од која ќе произлезат мерливи концепти кои ќе ја придвижат политичката агенда на „кумовите“ на иницијативата кон поставените цели, во овој случај европската интеграција, борбата против корупцијата и спротивставување на авторитарни политики.