Титан Усје ќе учествува во јавната расправа за обновување на А интегрираната еколошка дозвола: Што предвидува таа постапка?

усје

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на А интегрираната еколошка дозвола (А-ИЕД) за УСЈЕ, за што веќе е поднесено барање. На расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на организации, иницијативи и стручната јавност.

Ова го соопшти МЖСПП, а во објавата уште беше истакнато дека оваа, најавена јавна расправа за нив, е  суштински придонес преку отворен дијалог во институционални рамки да се соочат аргументите на сите инволвирани страни.

Оваа иницијатива на МЖСПП, инаку не е задолжителна според ИСКЗ или „Интегрирано спречување и контрола на загадувањето“, системот за издавање на дозволи за заштита на животната средина од загадувањата кои можат да ги предизвикаат одредени индустриски дејности.

Но, доколку се појави интерес, МЖСПП може да организира, односно да иницира таква јавна расправа.

Оваа разлика е важна зашто организацијата на јавната расправа од моментот кога ќе се постигне согласност за нејзино одржување станува обврска да ја спроведе општината каде што е лоцирана фабриката што покренала постапка за обнова на А интегрираната еколошка дозвола. Во овој случај Кисела Вода за Титан Усје.

Општината, според правилникот, треба да го објави одржувањето на јавната расправа и да испрати покани до сите инволвирани и заинтересирани страни, вклучувајќи ги и граѓанските организации. Расправата ќе ја модерираат стручните лица од министерството.

Заклучоците од дискусијата ќе бидат јавно објавени по што ќе следува период за увид, по што МЖСПП ќе соопшти дали дозволата ќе биде продолжена.

Во изјава за Рацин.мк од Титан Усје велат дека како во подготовката, така и во целокупната процедура која ќе следи, компанијата во целост ги почитува обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти и соработува со сите надлежните институции.

„Согласно овие акти, јавната расправа е дел од процедурата и доколку се организира, ние секако ќе учествуваме, бидејќи како транспарента компанија сакаме да ги изложиме сите факти и аргументи за нашето работење.  

Како одговорна и транспарента компанија, ТИТАН Усје работи согласно домашната регулатива и во своето работење ги применува најдобрите достапни практики во индустријата, кои важат и за компаниите од Европската унија. Оттука сите можности за конструктивен дијалог базиран на аргументи за нас се добредојдени, бидејќи веруваме дека ќе помогне во процесот на поставување на солидна основа за одржлива животна средина“.

Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје, истакнуваат од компанијата. „Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните и во нашето општество, како целина. ТИТАН Усје внимателно ја следи јавната дебата, сериозно ги сфаќа овие проблеми и дава транспарентен придонес кон нивно решавање“.

Зачлени се на нашиот е-билтен