Граѓаните чувствуваат дека не се заштитени, чувствуваат дека никој не води сметка затоа што нивниот животен стандард е на дното, затоа што во Македонија владата не води сметка за граѓаните, нагласи заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска во „Само интервју“, на телевизија Канал 5.
Во интервјуто, Каранфилова Пановска посочи дека власта две недели не презема никава мерка за да ги намали цените на горивата и да ги заштити граѓаните од ценовите шокови не само на горивата, туку и на храната.
„Секојдневно се менуваат и растат цените и во маркетите, изминативе три дена. Излезе податок дека во последните три месеци за 2.500 денари е поскап животот. Ние ја повикуваме владата да донесе мерки, бидејќи тие имаат сè во свои раце. Не може да има пари за луксузирање на владата, не може да има пари за да планираат да купат авион, парите уште таму стојат“, рече Каранфилова Пановска.
Таа додаде дека во време на криза приоритетите на владата се погрешно поставени.
„Ако сте вие во криза, ако имате толкава буџетска дупка, која е потребата да купувате старо-нов авион? Возете се со економска класа, со комерцијални летови и ќе одите таму каде што е неопходно да се оди. Нема да одите секој ден до Будимпешта, до Белград, до Црна Гора или до Сплит, на приватни патувања. Значи, има приоритети. Ако се соочувате со економска криза, ако гледате дека работниците ви се на улица секојдневно, не бараат чудо бараат средства за да можат да врзат крај со крај во месецот. Бараат зголемување на минималната плата во ситуација кога синдикалната кошничка стасана е до 68.000 денари денеска, ако се додаде на тоа и изнајмен стан 83.000 денари, треба да им помогнете“, рече Каранфилова Пановска.
Во интервјуто, Каранфилова Пановска нагласи дека владата се води од своите интереси, а не од интересите на граѓаните, за разлика од СДСМ која секогаш се води од потребите на граѓаните.
„Јас мислам дека не ги интересираат потребите на граѓаните или има тука некој друг интерес од кој што профитираат тие што се во кругот на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски. СДСМ и тоа како има право и образ да бара да се покачи се што е неопходно за да се покачи животниот стандард на граѓаните. СДСМ секогаш имала конзистентни политики за зголемување на минималната плата. Ние кажавме од каде да се најдат пари. Кажуваме дека 30% ако ги намалат трошоците за патувања и репрезентација, и ако парите алоцирани во буџетот за купување на нов авион ги спојат, апсолутно имаат пари да ја зголемат минималната плата на 600 евра, така како што бараат синдикатите“, посочи Каранфилова Пановска.
