Иранските власти погубија тројца мажи, вклучувајќи го и тинејџерот Салех Мохамади, член на националниот тим за борење, за убиство на полицајци за време на антивладините протести во јануари, објавија државните медиуми.
Егзекуциите се случија во северната покраина Ком откако Врховниот суд ги потврди смртните казни, објави Би-Би-Си.
Мохамади, Мехди Гасеми и Саид Давуди беа прогласени за виновни и за „мохаребе“ – обвинение за „водење војна против Бога“, кое Иран често го користи против демонстрантите.
Групите за човекови права велат дека осомничените признале „под тортура и биле погубени без фер судење“.
Егзекуциите се дел од поширок одговор на иранските власти на протестите, кои ги зафатија речиси сите покраини и кулминираа со барања за политички промени.
Според групите за човекови права, најмалку 7.000 луѓе беа убиени за време на јануарските протести, вклучувајќи повеќе од 6.400 демонстранти и повеќе од 200 деца.
Претходно, Иран го погуби и иранско-шведскиот државјанин Курош Кајвани под обвинение за шпионажа за Израел, што предизвика меѓународна загриженост, потсетува Би-Би-Си.
Протестите беа предизвикани од економски тешкотии, падот на валутата и зголемувањето на трошоците за живот, а реакцијата на владата предизвика критики од меѓународната заедница.
