Иран повторно ја нападна рафинеријата за нафта Мина Ал-Ахмади во Кувајт и предизвика пожар

Иран

Иран денеска повторно ја нападна рафинеријата за нафта Мина Ал-Ахмади во Кувајт со дронови, што предизвика пожар.

Кувајската корпорација за сурова нафта (KPC) објави дека поради пожарот во неколку единици во рафинеријата, како мерка на претпазливост затворила дел од фабриката.

Во соопштението, компанијата наведува дека во овој, втор напад врз рафинеријата за два дена, нема повредени и дека пожарот се гаси.

Рафинеријата Мина Ал-Ахмади, која може да преработува околу 730.000 барели нафта дневно, беше оштетена во иранскиот напад во четврток.

Техеран ги засили нападите врз енергетските полиња во арапските држави во Персискиот Залив.

Дубаи, Бахреин и Саудиска Арабија беа нападнати рано утрово.

Бахреин собори неколку ракети, а еден магацин се запали поради паѓање на шрапнели.

Саудиска Арабија пресретна повеќе дронови кои се упатуваа кон нејзиниот богат со нафта источен регион.

Во четврток, Иран ја таргетираше енергетската инфраструктура на земјите низ регионот и лансираше повеќе од десетина салвои ракети кон Израел, кој еден ден претходно го бомбардираше иранското крајбрежно поле со природен гас Јужен Парс.

Иранскиот дел од најголемото гасно поле во светот, Јужен Парс, се наоѓа на брегот на Персискиот Залив и е во заедничка сопственост на Катар.

Околу 80 проценти од енергијата произведена во Иран доаѓа од гас.

Група од 12 арапски и исламски земји ги осудија нападите на Иран и го задржаа правото да се бранат

Групата од 12 арапски и исламски земји ги осудија нападите на Иран во регионот на Блискиот Исток и објави дека го задржува правото да се брани.

Министрите за надворешни работи на 12 земји, во заедничка изјава по консултативниот состанок во Ријад, го повикаа Иран веднаш да ги запре нападите.

Тие додадоа дека иднината на односите со Иран зависи од почитувањето на суверенитетот и волјата да не се развиваат и користат воените капацитети на Иран како закана за земјите во регионот.

Во соопштение објавено синоќа на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Турција, министрите бараат Иран да ги запре сите напади и провокации и да ја почитува Резолуцијата 2817 на Советот за безбедност на ОН, усвоена на 11 март.

Резолуцијата бара безусловно прекинување на нападите врз Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јордан.

Министрите на 12 земји, исто така, ги осудија воените дејствија во Либан, опишувајќи ги како „агресија“ и „експанзионистичка политика“.

Тие ја потврдија својата посветеност на заеднички консултации и координација, формулирање заеднички ставови и усвојување на потребните мерки за заштита на безбедноста и запирање на иранските напади врз териториите на нивните земји.

На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи на Азербејџан, Бахреин, Египет, Јордан, Кувајт, Либан, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Сирија, Турција и Обединетите Арапски Емирати.

Зачлени се на нашиот е-билтен