„Слободна среда“ – концерт на млади музичари од Македонија

концерт

Музичка младина на Македонија продолжува со концертниот циклус „Слободна среда“, дел од програмата „Млад музички албум“, со концерт што ќе се одржи на 25 март (среда) во 20 ч. во Музејот на македонската борба – Скопје. Влезот е слободен.

„Слободна среда“ е платформа која од 2020 година им овозможува на млади музичари – ученици од основни и средни музички училишта, како и студенти од музичките факултети – да стекнат сценско искуство преку кратки настапи. Концептот на концертот е отворен и инклузивен, со учество на поголем број изведувачи кои настапуваат со по едно дело, со што постепено го градат својот изведувачки развој и самодоверба на сцена.

За ова издание се пријавија голем број кандидати од различни градови и институции, а програмата обединува 15 млади изведувачи од Скопје, Штип, Битола и Струмица, како и учесници кои моментално се школуваат во странство (САД и Германија).

Публиката ќе има можност да слушне разновидна програма која опфаќа дела од Бах, Моцарт, Бетовен, Сати, Лист, како и други автори од класичниот и романтичниот репертоар, изведени на пијано, виолина, виолончело, флејта, кларинет, хорна и глас.

Kонцертот претставува пресек на различни нивоа на музичко образование – од основно до високо – и дава можност младите музичари да настапат во концертен простор пред публика.

Циклусот „Слободна среда“ има за цел да создаде континуитет во развојот на младите изведувачи, нудејќи им реална сцена, видливост и мотивација за понатамошен уметнички напредок.

Концертот е дел од програмата „Млад музички албум“, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен