Центар објави повик за социјални услуги, поддршка за деца, млади и ранливи групи

Општина Центар објави јавен повик за користење средства од буџетот за 2026 година, наменети за финансирање социјални услуги и сервиси за граѓаните. Повикот е објавен на 3 април и се однесува на поддршка на здруженија даватели на социјални услуги со седиште во Центар, кои проектите ќе ги реализираат на територијата на општината.

Според објавениот повик, опфатени се четири приоритетни услуги. Првата се однесува на континуирани индивидуализирани услуги со пристап до компјутер и интернет со асистивна технологија, како и рана стимулативна поддршка за деца со попреченост. Втората е насочена кон превенција, советување и третман на млади во ризик од злоупотреба на дроги и нивните семејства, со психосоцијална, психотерапевтска и психијатриска поддршка. Третата предвидува центар за ментално здравје кај деца, а четвртата воведување зелена социјална работа кај младите, со фокус на инклузивна и еколошка средина.

Право на учество имаат здруженија регистрирани во Централниот регистар, со активна трансакциска сметка и најмалку една година активен статус, кои се лиценцирани даватели на социјални услуги во регистарот на надлежното министерство или имаат потврда за испорака на конкретната услуга. Во документацијата што треба да се достави се вклучени тековна состојба, лиценца или потврда, финансиски план, пријава, завршна сметка за 2025 година и извештај за реализирани услуги.

Од Општина Центар наведуваат дека исплатата на одобрените средства ќе се врши во две транши од по 50 проценти, при што втората ќе следува по поднесен извештај на половина од договорниот период. Рокот за поднесување на пријавите е 10 дена од денот на објавувањето на повикот на веб-страницата на општината, а документацијата може да се достави по пошта или во архивата на Општина Центар.

Зачлени се на нашиот е-билтен