Пронајдоа експлозив крај гасовод, селаните велат дека некој однапред знаел

На северот на Србија, во близина на Кањижа и на гасоводот што носи руски гас кон Унгарија, српските власти пронајдоа експлозив, а случајот веднаш отвори безбедносни и политички прашања и во Белград и во Будимпешта. Според српскиот претседател Александар Вучиќ, биле најдени две торби со експлозив и детонатори, на неколку стотини метри од гасоводот.

Но, додека официјалните лица зборуваат за сериозна закана по критичната инфраструктура, локални жители за унгарски Теlex велат дека самата акција изгледала невообичаено прецизна. Според нивните сведоштва, бил затворен релативно мал простор, а потрагата делувала толку насочено што оставила впечаток дека службите однапред знаеле што бараат. Истовремено, дел од мештаните велат дека освен засилено полициско присуство, на теренот немало поголема паника и дека селата не биле целосно блокирани, како што првично се тврдеше.

Случајот доби и поширока политичка тежина затоа што доаѓа само неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија. Премиерот Виктор Орбан свика итен состанок на Советот за одбрана и оцени дека станува збор за подготвуван чин на саботажа. Во исто време, унгарската опозиција и дел од безбедносните аналитичари изразија сомнеж во тајмингот на настанот и предупредија дека не може да се исклучи ни сценарио на политичка манипулација.

Дополнителна тежина на целата приказна ѝ дава и тоа што унгарски официјални претставници повторно ја споменаа Украина, иако засега нема јавно објавени докази што директно би ја поврзале со случајот. Киев ги отфрли таквите сугестии и оцени дека најверојатно станува збор за руска операција со лажно знаме, чија цел е влијание врз унгарските избори. Истрагата сè уште трае, а засега останува отворено клучното прашање: дали навистина била спречена саботажа, или откритието ќе се претвори во уште една политичка битка околу стравот, енергијата и изборите.

Зачлени се на нашиот е-билтен