Денес не треба во Македонија да има човек кој нема да го осуди актот на обидот за подметнување пожар во седиштето на Еврејската заедница на Македонија во Скопје. Секако треба да се почекаат резултатите од истрагата на надлежните органи за овој безумен настан за утврдување на сите факти и изведување на сторителите пред лицето на правдата. Независно кои се извршителите, овој немил настан се случува во нашиот главен град.
Ова го истакнува во својата реакција поранешниот амбасадор Виктор Габер.
„Но, не треба да останеме неми и да не осудуваме вакви активности кои се во спротивност со нашата филозофија на опстојување во македонското општество. Да се подига рака против една заедница која е дел од нас, кон наши сограѓани, е рамно на поматен ум“, нагласува Габер во своето обраќање до јавноста.
Габер вели дека, „сторителите на ова криминално дело, евентуалните инспиратори и нивни подржувачи, со целиот ризик дека можеби грешам, можеме веднаш да заклучиме, дека плитко ги пратат, сваќаат и анализират геополитичките збиднувања и себеси се подигаат на пиедестал на учесник во актуелните грозотии на геополитиката во и околу војната во Персискиот залив“.
„Ако пак им е целта да запалат инцијална каписла за дестабилизација на нашата земја, тогаш треба да се запрашаме како сме создале простор за изведување на терористични акти“, предупредува поранешниот амбасадор и искусен дипломат.
Тој потенцира дека е „добро што надлежните органи најавија брза истрага“
„Но паралелно треба да се утврдат и нивните пропусти во проценките за можно настанување на вакви безумни настани и можно дестабилизирање на сосојбите во нашата држава. Не дека немавме претходни искуства за прелевање кај нас на тензии од вооружени судири по светот“, предупредува Габер.
Тој вели дека, воедно, треба да си го поставиме прашањето за позиционирањето на нашата држава во вакви актуелни состојби кои разоруваат човечки суштества и материјални добра во и околу Персискиот залив.
„Колку нашите дневни постапки се во согласност со обезбедување долгорочна стабилност и развој на нашата држава и колку тие можат да предизвикаат екстремни активности на неодговорни поединци и кругови“, посочува амбасадорот.
Плитки умови нема само кај нас, вели поранешниот амбасадор Виктор Габер и поентира:
„Ако отворено се придружувам кон сите кои го осудуваат обидот за опожарување на зградата на Еврејската заедница на Македонија, па и онаа осуда од амбасадорката на Израел, не можам да не предупредам на потребата за разграничување на заштитата и подршката на Евреите во Македонија и поистоветувањето на нивното вековно опстојување и учество во развојот на Македонија со некоја безумна политика на странска држава, во случајов на Израелската влада предводена од Нетанјаху“.