Важно е да потсетиме дека во изолација нема просперитет, има само алчност и тврдоглавост, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој се обрати на панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, во рамките на Преспа форумот за дијалог.
– Токму поради тоа што го направивме пред пет години, денес сме собрани овде на овој Преспански Форум Дијалог за да славиме, но и да се потсетиме на постулатите за напредок и просперитет. Договорот од Преспа отвори ново поглавје во регионот, отворајќи го патот кон просперитет и стабилност. Покрај унапредувањето на дипломатските односи и соработката меѓу Грција и Северна Македонија, го поттикна и економскиот раст и промовираше прекугранични иницијативи меѓу двете земји, рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека Договорот од Преспа имал домино ефект и во поширокиот балкански регион.
– Договорот од Преспа го отвори патот кон просперитетот со отстранување на бариерите, поттикнување на соработката и инспирација на другите народи. Создаде позитивна траекторија за економски развој, политичка стабилност и регионална интеграција, носејќи трајни придобивки за Грција, Северна Македонија но и за целиот регион на Западен Балкан. Истиот овој регион кој сега го трасира својот пат кон просперитет преку пристапување во ЕУ и усогласување на нашите EcoFin политики со стандардите на ЕУ, треба да преземеме неколку конкретни чекори, како што се зајакнување на институционалната рамка, преку воспоставување робусни и транспарентни институции кои ќе обезбедат ефективно владеење, потоа спроведување на структурни реформи на економиите за подобрување на конкурентноста. Ова го вклучува и пристапот до пазарите и регионалната интеграција на економиите, пристап до зголемени синџири на снабдување и блиско поврзување, кажа Битиќи.
Тој се осврна и на усвојување здрави фискални политики, вклучително и намалување на буџетските дефицити, ефикасно управување со јавните финансии и промовирање на фискалната дисциплина, усогласување на законодавството со ЕУ и подобрување на финансиските сектори.
Битиќи: Новиот план на ЕУ е јасна иницијатива за напредок во интеграцијата на Западен Балкан
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека говорејќи за интеграцијата во Европската Унија претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен претставила сеопфатен план од четири столба за приближување на Западен Балкан до ЕУ.
– Овој стратешки план опфаќа низа иницијативи дизајнирани за справување со клучните предизвици и зајакнување на врските меѓу регионот и ЕУ. Планот е изграден на 4 важни столба – приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на регионалната економска интеграција, забрзување на основните реформи и зголемување на претпристапните фондови во СБ. Овој план поставува јасна структурирана иницијатива за напредок на регионот кон интеграција во ЕУ. Тој нуди перспективна рамка за унапредување на стабилноста, соработката и заедничкиот просперитет на Западен Балкан, истакна Битиќи.
Вицепремиерот потенцира дека овој пат кој води кон просперитетот на ЕУ има и сложеност, меѓусебна зависност, раст, мудрост и колективна одговорност.
– И бидејќи Договорот од Преспа има значење во рамките на европската интеграција и основната идеологија на Европската унија, нејзината основа е токму во Европската унија која е изградена врз принципите на соработка, мир и остварување заеднички цели. Со изнаоѓање заемно прифатливо решение, договорот ја одразува посветеноста на ЕУ за мир и регионална стабилност. Сето ова ме прави прагматичен оптимист дека нашиот пат напред ќе биде просперитетен. Поединечно, ние сме мали земји со големи аспирации, но заедно сме голем регион со уште поголем просперитет. Клучот за големината е преку заеднички сили. Силно верувам дека само преку регионалната конкурентност создаваме отпорен и просперитетен регион кој ќе биде прилагодлив на предизвиците за влез на големиот пазар на ЕУ, до негова целосна интеграција, заклучи Битиќи.