Дебитантскиот игран филм „17“, режија на Косара Митиќ, кој учествуваше на 39. Филмски Фестивал во Болцано, Италија (Bolzano Film Festival Bozen), како филм во Главната натпреварувачка програма (Competition BFFB39), ја освои Наградата за поддршка на дистрибуцијата на филмот од автономната покраина Трентино-Јужен Тирол.
Меѓународно жири кое одлучуваше за наградите беше во состав Андреа Бернард (Andrea Bernard) – режисер и архитект од Италија, Сузан Бург (Susanne Burg) – филмска критичарка од Германија, Роберто Фарнети (Roberto Farneti) – доцент по политички науки од Италија, Ана Ладиниг (Anna Ladinig) – кураторка и културна работничка од Австрија и Фредерик Мер (Frédéric Maire)– филмски новинар и критичар од Швајцарија. Тие го објавија следното образложение:
„Наградата за дистрибуција на филмот од автономната покраина Трентино-Јужен Тирол оди за убедливиот дебитантски игран филм од млада режисерка. Моќен и интензивен филм кој не му остава на гледачот друг избор освен да продолжи да гледа. Сместен во националистичко и патријархално општество, тој слика прецизен портрет на еден свет во кој мажите се обликувани од длабоко вкоренетото чувство на привилегираност и во кој насилството, вклучително и врз жените, е дел од секојдневниот живот. Режисерката е фиксирана на изразот на протагонистката: нејзината изведба го носи филмот со суров и постојан емоционален интензитет.“
Го наградуваме ова дело за неговата формална прецизност и повикот за итно општествено дејствување. Тоа е филм што едноставно мора да се погледне, особено од младата публика низ цела Европа, бидејќи се осврнува на реалност која, иако специфична за локацијата, сепак е и пошироко болно препознатлива.
Следуваат два нови фестивали за „17“, 22. Интернационален Филмски Фестивал Лас Палмас де Гран Канарија (Festival Internacional de Cine Las Palmas de Gran Canaria), кој ќе се оджува од 23-ти април до 3-ти мај, и 20. Филмски Фестивал Кросинг Јуроп (Crossing Europe Film Festival), кој ќе се одржи од 28-ми април до 3-ти мај во Линц, Австрија.