Нема да има рудник за антимон без јасни гаранции за здравјето на граѓаните и животната средина, не се исклучува ни референдум

антимон

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, на најавата дека следува отворање на рудник за ископ на антимон во месноста Луке, откако Владата потпиша договор со САД, реагираше дека „секоја стратешка инвестиција што може да отвори нови работни места, да донесе економска активност, да ја зајакне локалната економија и финансиски да ја стабилизира локалната самоуправа-мора внимателно и одговорно да се разгледа“.

Дополнително, напиша тој на социјалните мрежи, доколку се потврдат анализите дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон, тогаш тоа отвора сериозна развојна перспектива и значајни придобивки за граѓаните на Крива Паланка.

„Но истовремено, мојата обврска како градоначалник е јасна и недвосмислена-да го заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тоа е приоритет кој стои над сè друго. И тука нема тронка на компромис“, истакнува Митовски.

Токму затоа, тој нагласува, вакви инвестиции можат да се реализираат исклучиво под строго утврдени услови и со највисоки стандарди на контрола и заштита.

„Ќе инсистирам на процес на производство од затворен карактер, без испуштање на штетни материи, без влијание врз водите, почвата и воздухот, како и на обезбедување на цврсти финансиски гаранции-вклучително и банкарска гаранција за секоја евентуална штета по животната средина“, потенцира Митовски.

Тој смета дека ова не е прашање што може да се решава без активно вклучување на стручната јавност и дека професорската фела, експертите, невладиниот сектор и локалната заедница мора да бидат дел од целиот процес, особено во делот на технологијата на производство и влијанието врз животната средина.

„А јас гарантирам дека ќе бидам првиот кој ќе застане во заштита на интересот на градот и граѓаните – и тоа не само декларативно. Искуството со Тораница нè научи дека никој нема право лесно да ги уверува граѓаните кога постои и најмал ризик по здравјето и природата. Токму затоа, вниманието мора да биде на највисоко можно ниво. Затоа јас јасно порачувам: При било каква хаварија или загрозување на здравјето на граѓаните, ќе реагирам директно, одлучно и без компромис во заштита на секој еден граѓанин“, вели градоначалникот на Крива Паланка.

Тој потсетува дека Крива Паланка е рударски град и од таа перспектива, секоја иницијатива поврзана со рударството мора да се разгледува сериозно, одговорно и со целосна свесност и за последиците и за придобивките.

„Затоа, на ова прашање не гледам ниту површно, ниту политикантски, туку исклучиво одговорно и со државнички пристап“, вели Митовски.

Организирањето референдум, укажува градоначалникот, е уставно и законски загарантирано право и секој има право да го побара.

Согласно Законот за локалната самоуправа, граѓаните можат преку референдум да одлучуваат за прашања од надлежност на општината и за други прашања од локално значење, а Советот е должен да распише референдум доколку тоа го побараат најмалку 20% од избирачите. Исто така, граѓаните можат да покренат граѓанска иницијатива, за која Советот мора да расправа ако е поддржана од најмалку 10% од избирачите.

„Никој не смее да го спори тоа право. Напротив, тоа е демократска алатка и директен израз на волјата на граѓаните. Граѓаните мора да бидат целосно информирани, а локалната заедница активно вклучена во процесот. Доколку има иницијатива за референдум, таа е легитимна и треба да се почитува“, инсистира Митовски.

Претходно е многу важно, нагласува тој, јавноста да добие целосна слика за технологијата на производство, начинот на преработка, заштитните механизми, контролата, гаранциите и можните последици.

„Само така може да се донесе зрела, информирана и одговорна одлука, а не политичка одлука. Мојата обврска е двојна: Да го заштитам здравјето и безбедноста на граѓаните, но и да работам на економски развој, нови инвестиции и нови работни места“, нагласува градоначалникот Митовски и вели дека „во овој процес ќе бидам таму каде што сум најпотребен и на страната на граѓаните и во одбрана на интересите на Крива Паланка“.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање во врска со најавите за рудникот за антимон во кривопаланечкиот регион Луке и можноста за референдум во Крива Паланка, истакна дека клучно е да се слушне ставот на граѓаните.

„Ако се слушаат премиерот и градоначалникот, како што кажуваат, добро е да се слушаат, да комуницираат, затоа што е добро да соработува централната со локалната власт. Меѓутоа, многу е важно, дали тоа е врз основа на тоа што го кажуваат граѓаните во Крива Паланка. Ако тоа граѓаните на Крива Паланка и регионот го одобруваат, нема проблем. Но, ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ застануваме на страна на граѓаните“, рече Филипче.

На прашањето дали ќе започне постапка за собирање потписи, Филипче одговори дека тоа ќе зависи од реакцијата и барањата на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен