Извори тврдат дека објавите на Трамп на мрежите ги комплицирале преговорите со Иран

Трамп

Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за прекин на седумнеделната војна се доведени во прашање по јавните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи и во разговорите со медиумите, според извори запознаени со преговорите.

Како што се приближуваше викендот, Вашингтон и Техеран изгледаа блиску до договор за прекин на застојот, но Трамп во јавните настапи и објавите на социјалните мрежи рече дека Иран веќе се согласил на неколку клучни барања на САД, вклучително и предавање на своите залихи збогатен ураниум и широка суспензија на својата нуклеарна програма, рече изворот, според CNN.

Иранските претставници брзо ги отфрлија овие тврдења и негираа дека се подготвува нова рунда преговори, што, според соговорниците на CNN, брзо „го потисна оптимизмот за непосреден договор“.

Некои американски претставници приватно признаа дека јавните коментари на претседателот ги комплицирале преговорите, особено поради длабоката недоверба на Техеран кон Вашингтон.

Дополнителна неизвесност создава наводната поделба во рамките на иранското раководство меѓу преговарачкиот тим и Корпусот на исламската револуционерна гарда, што го поставува прашањето кој на крајот би можел да потпише евентуален договор.

Во разговорите се разгледуваат неколку опции во врска со нуклеарната програма на Иран.

САД предложија 20-годишна пауза во збогатувањето на ураниум, додека Иран понуди пократки рокови, вклучувајќи пет или десетгодишна суспензија со ограничено збогатување подоцна.

Администрацијата на Трамп, според извори, ја разгледува и можноста за одмрзнување на околу 20 милијарди долари ирански средства во замена за предавање на залихите од високо збогатен ураниум.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, процени дека САД никогаш не биле поблиску до „добар договор“ со Иран благодарение на, како што рече, „преговарачките вештини на претседателот Трамп“.

Плановите за нова рунда разговори останаа нејасни, објавува CNN.

По конфузијата околу улогата на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во разговорите, американските претставници велат дека американска делегација би можела да отпатува во Исламабад во вторник, додека разговорите би можеле да започнат во среда.

Во објава на социјалната мрежа True Social, Трамп истакна дека операцијата „Полноќен чекан“ претставува „тотално уништување“ на нуклеарните постројки на Иран, обвинувајќи ги американските медиуми дека го потценуваат успехот на американските пилоти.

„Операцијата „Полноќен чекан“ беше целосно и тотално уништување на местата со нуклеарна прашина во Иран. Затоа, ископувањето ќе биде долг и тежок процес. Лажните вести на CNN и другите корумпирани медиумски мрежи и платформи не успеваат да им го дадат на нашите одлични пилоти признанието што го заслужуваат – секогаш обидувајќи се да ги понижат и омаловажат – губитниците“, напиша Трамп, според Танјуг.

Зачлени се на нашиот е-билтен