Филозофскиот факултет, како високообразовна институција од јавен интерес и носител на академска и општествена одговорност, има императивна должност да обезбеди апсолутна и бескомпромисна усогласеност со законските прописи, со универзитетските и со факултетските акти.
Се вели во соопштението на Филозофскио факултет (ФФ).
Велат, во јавноста беа изнесени реакции поврзани со упис на студенти од втор и трет циклус студии, при што од одредени медиуми се настојуваше да се креира поинаква перцепција за запишаните студенти. За да се обезбеди реална, објективна и транспарентна слика за состојбите, Факултетот организираше прес-конференција и ги презентираше сите релевантни факти.
„Претходно, во насока на обезбедување поголема транспарентност и институционална одговорност, на наше барање беше спроведен вонреден инспекциски надзор од страна на Државната просветна инспекција. Согласно утврдената состојба, инспекцијата донесе решение со кое експлицитно утврди дека уписот е спорен и наложи негово поништување“.
Од ФФ велат дека „општиот впечаток покажа дека системска конфузија на една одредба од правилникот можно е да довела до погрешна постапка при селекцијата на кандидатите за втор циклус студии, а дополнително се сметало и дека студентите со завршени стручни студии (180 кредити) и дополнителни специјалистички магистерски студии (60 кредити) збирно го исполнуваат условот од 240 кредити, иако законската регулатива тоа експлицитно не го предвидува“.
„Факултетот веднаш презеде системски чекори за унапредување на процедурите, со цел да се обезбеди правна сигурност, академски интегритет и институционална стабилност. Овие мерки гарантираат дека вакви ситуации нема да се повторуваат и дека секој процес ќе биде спроведен со највисоки стандарди на законитост и академска чесност“.
Според ФФ, институцијата останува гарант на довербата, кредибилитетот и легитимитетот во високото образование. Проверките и надзорите потврдија дека постапките на актуелните запишани студенти се во најдобар ред.
„Нашата мисија е да обезбедиме средина во која знаењето, правната сигурност и академската чесност се темелите врз кои се гради иднината на студентите и општеството. Со визија и одговорност, Факултетот ќе продолжи да биде пример за академска извонредност, институционална стабилност и општествена доверливост“.
Најважно е, истакнуваат од ФФ, да се потенцира дека овој изолиран случај не смее да се генерализира и да се доведува во прашање целокупното работење на Факултетот, кое со децении наназад се одвива беспрекорно, во апсолутна согласност со законските прописи, универзитетските акти и академските стандарди.
„Нашата институција има континуирана традиција на интегритет, стабилност и извонредност, што ја потврдува довербата на студентите и пошироката јавност долги години наназад“.
Во соопштението се истакнува дека „факултетот е и ќе остане пример за академска чесност, институционална одговорност и општествена доверливост. Ние сме посветени да обезбедиме средина во која знаењето, законитоста, професионалните и етичките вредности се темелите врз кои се гради иднината на младите генерации“.