Ако ова лето со автомобил тргнувате кон Грција, една навика што многумина ја сфаќаат како ситница може скапо да ве чини. Според важечките правила таму, сигурносниот појас не е обврска само за возачот, туку и за патниците, а казната не завршува кај едно лице.
Во пракса, тоа значи дека ако патник во автомобил не носи појас, казна може да добијат и патникот и возачот. Грчките медиуми што ја пренесоа примената на новиот сообраќаен кодекс наведуваат дека за патник без појас се предвидува парична казна од 150 евра, а одговорност сноси и возачот, дури и ако самиот бил врзан. За возач што управува без појас, пак, казната е 350 евра и одземање на дозволата на 30 дена.
Обврската важи и за предните и за задните седишта во возилата што се опремени со сигурносни појаси.
Тоа е важно за македонските туристи, затоа што токму задните седишта најчесто се местото каде што патниците попуштаат, особено на подолг пат кон Халкидики, Лептокарија, Паралија или грчките острови.
Грција ги заостри правилата со новиот сообраќаен кодекс што стапи во сила во 2025 година, а медиумите во земјата нагласуваат дека новиот режим е насочен токму кон прекршоци што долго се толерирале, меѓу нив и неносење појас и кај возачите и кај патниците. При повторени прекршоци, казните растат драстично и можат да достигнат и 2.000 евра, со подолги забрани за управување.