Министерот за здравство Азир Алиу повика граѓаните да користат здравствени услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита, по полициската акција поврзана со сомнежи за нелегален увоз и дистрибуција на медицински средства што се користеле при естетски зафати.
Министерството за здравство соопшти дека останува посветено на стручност, законитост и правичност во функционирањето на здравствениот систем, а секое постапување спротивно на законските прописи и медицинските стандарди ќе биде предмет на институционални постапки во соработка со надлежните органи.
Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Претреси се вршеле на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, а лишени од слобода се повеќе лица, меѓу кои и доктори од скопските клиники и сопственици на дерматолошки ординации.
Обвинителството соопшти дека постапката се води за сомнежи поврзани со организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати. Во предметот се спомнуваат основи на сомневање за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и примање поткуп.
Алиу во реакцијата нагласи дека безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се врвен приоритет, но истовремено потсети дека најголемиот дел од здравствените работници чесно, совесно и стручно ја работат својата работа. Тој апелираше здравствените работници доследно да ги почитуваат професионалните и етичките норми, а институциите да го почитуваат начелото на презумпција на невиност.