Компанија во сопственост на таткото на унгарскиот премиер Виктор Орбан се најде во центарот на нов скандал.
Компанијата на Дјоже Орбан „Доломит Кфт“ снабдувала градежни материјали со слаб квалитет за реконструкција на железничката линија Будимпешта-Белград, објавува порталот 444.hu. „Доломит Кфт“, во која таткото на Орбан е мнозински сопственик, добила жалби уште во февруари 2023 година од главните изведувачи на проектот – кинеската компанија „Чајна Тиеџиуџу Инженеринг енд Констракшн“ и компанијата „В-Хид“, поврзана со бизнисменот Лоринц Месарош. Испорачаниот материјал не ги исполнувал техничките стандарди на Унгарските железници, особено во однос на големината и другите параметри.
Во писмото од кинескиот изведувач од април 2023 година се вели дека примероците од веќе испорачаниот материјал биле анализирани од независна лабораторија, која утврдила дека гранулацијата не е соодветна.
„Независната лабораторија утврдила дека параметрите на материјалот не се соодветни“, се вели во документот. Овој дефект е особено загрижувачки бидејќи спорниот материјал се користи за клучен слој – потребен е за основниот слој на железницата, кој игра клучна улога во стабилноста и носивоста на пругата. Иако друга лабораторија ангажирана од кинеската компанија проценила дека материјалот „едвај ги исполнува барањата“, сомнежите за неговиот квалитет остануваат сериозни.
Компанијата го признава проблемот, но материјалот сепак бил користен.
Според 444.hu, компанијата „Доломит“ признала дека имало проблеми со составот на материјалот, наведувајќи дека обилните врнежи од дожд на почетокот на годината довеле до „мешање на кал и глина со каменот“. И покрај ветувањата за подобрувања, документите покажуваат дека не се случиле значителни промени, а спорниот материјал сепак бил делумно користен во проектот. Станува збор за таканаречената мешавина SZK1 – комбинација од песок и чакал што се користи за создавање стабилен, речиси водонепропустлив слој под шините. Во исто време, постојат обвинувања од индустријата дека семејната компанија на Орбан продава камен по значително повисоки цени од конкуренцијата, со репутација за висок квалитет што сега е доведена во прашање.
Доломит испорача над 200.000 тони камен за овој проект во 2022 и 2023 година, а компанијата редовно добива владини договори, вклучително и проширувањето на автопатот М1. Само во 2024 година, оствари профит од речиси 7 милиони евра, а овие средства беа повлечени од компанијата. Во меѓувреме, дополнителен притисок доаѓа од друга страна – уште една компанија поврзана со семејството Орбан е под истрага на рударскиот инспекторат.
Станува збор за компанијата Hahót Tőzeg Kft., во сопственост на братот на Орбан и нивната мајка Ержебет Сипос Орбан. Истрагата ја води Управата за надзор на регулаторните активности (SZTFH), која проверува дали компанијата ги исполнува законските барања за количините на екстракција. Институцијата известува дека постапката е во тек и сè уште не може да открие детали или евентуални санкции.
За разлика од „Доломит“, оваа компанија не е меѓу најпрофитабилните во семејниот бизнис – во 2024 година оствари приходи од околу 930.000 евра и профит од 350.000 евра.