Обвинителството ќе одлучува за опасниот лет на параглајдеристот на охридскиот кеј

параглајдерист

Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Охрид, во консултација со јавен обвинител, ќе одлучува за опасниот лет на параглајдеристот на охридскиот кеј.

Во билтенот на МВР е запишано дека дека на 26.04.2026 во 21:05 часот во СВР Охрид е пријавено дека околу 14:00 часот две лица со параглајдер се спуштиле на пешачката патека после каналот „Студенчишта“ во Охрид, по што паднале на плочникот.

Притоа, дел од опремата на параглајдерот ја зафатила електричната канделабра поставена на централниот дел од патеката која се скршила и паднала на пешачката лента. Во СВР Охрид нема пријава за повредени лица, а во консултација со јавен обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Потсетуваме дека вчера за влакно беше избегната трагедија на пешачката патека кај Студенчишта во Охрид, откако, според видеото објавено од локалниот портал Ohrid1 и пренесено од повеќе медиуми, параглајдерист кој вршел комерцијални летови со туристи слетал опасно ниско над пешачката зона, во последен момент промашил мајка и дете и потоа удрил во столб од уличното осветлување.

Според достапните извештаи, инцидентот поминал без повредени, но ја отвори најнепријатната можна дилема за едно од најфреквентните шеталишта во Охрид: колку уште вакви „замалку“ ситуации ќе треба да се случат пред ризикот конечно да се сфати сериозно.

Зачлени се на нашиот е-билтен