Драстично заострување на казнената политика и низа нови ограничувања за сопствениците на домашни миленици предвидува предлог-законот за заштита и благосостојба на животните, со кој државата се обидува да стави ред во проблемот со напуштените и бездомни животни. Казните за физички лица ќе се движат од 400 евра за несоодветно чување и шетање на куче, па сè до 5.000 евра за мачење, сурово постапување или убивање животно.
Клучната цел на законските измени е да се спречи напуштањето на милениците, нивното неконтролирано размножување и нерегулираната трговија, кои со години придонесуваат за зголемување на бројот на бездомни кучиња низ државата.
Со новите правила, сопственик кој ќе го напушти својот миленик ќе добие трајна забрана за чување животни. Истовремено, се воведува забрана за неконтролирано размножување, како и за продажба и подарување миленици надвор од регистрирани одгледувачници. Дополнително, се забранува чување куче постојано врзано на ланец или затворено без можност за редовно движење, со цел да се обезбедат неговите основни потреби.
Законот предвидува и контроверзни ограничувања, како забрана за усмртување на животни за ритуални цели, што може да отвори дополнителни дебати во јавноста.
Меѓу новините е и задолжителната стерилизација на домашни кучиња, како и строга контрола врз одгледувачниците, кои ќе мора да ги пријавуваат леглата кај ветеринар и да водат евиденција за тоа каде завршуваат животните. Една кучка или мачка ќе смее да има само едно легло годишно.
Предвидено е и формирање на Центар за трајно згрижување и вдомување на бездомни животни, како и можност тие да се сместуваат кај привремени вдомувачи. Дополнително, се воведува регулација и за пансиони, продавници и одгледувачници за миленици.
Контролата на спроведувањето нема да биде само во рацете на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, туку ќе се вклучат и Државниот комунален инспекторат, општинските инспектори, Град Скопје и Министерството за внатрешни работи.
Предлог-законот е изготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со релевантни институции и организации, меѓу кои Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, ресорните министерства, ЗЕЛС и здружението „Анима Мунди“.
Со ваквите измени, државата испраќа јасна порака – неодговорното сопствеништво и злоупотребата на животните ќе се казнуваат строго, додека фокусот се префрла кон системско решавање на проблемот со бездомните животни.