Муцунски и Мицкоски ја замрзнаа европската иднина на државата

Муцунски

Изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека „во овој момент нема услови за уставни измени“ и дека Владата „не е подготвена да преземе каков било чекор“ кон нивно спроведување, практично претставува официјално признание дека Северна Македонија свесно го става во мирување процесот на европска интеграција.

Во политички превод, тоа значи дека државата доброволно прифаќа да остане заглавена во чекалната на Европската Унија, без јасен план како да излезе од блокадата што со години ја држи надвор од преговарачкиот процес.

Со оваа изјава Муцунски само ја потврди линијата што претходно ја постави премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека Македонија е подготвена да чека „и со децении“ за членство во ЕУ, но нема да ги прифати условите за уставни измени во сегашната форма. Ваквата позиција можеби носи краткорочни политички поени кај дел од домашната јавност, но суштински претставува политика на статус кво, односно политика без решение. Затоа што колку и да се оспорува неправедноста на бугарските барања, реалноста останува непроменета: без уставни измени нема продолжување на преговорите со Европската Унија.

Токму тука се отвора и најголемата контрадикција во политиката на актуелната власт. Од една страна, Владата постојано уверува дека останува цврсто посветена на европскиот пат и дека членството во ЕУ е стратешка цел. Од друга страна, истата таа Влада јавно соопштува дека нема намера да го направи единствениот конкретен чекор што во моментов го бара Брисел за деблокирање на процесот. Кога политичката декларација не е придружена со политичка акција, тогаш таа останува само празна реторика.

Рокас испрати порака за прагматизам, Владата избра политичка блокада

Во таков контекст, особено значајна е пораката што денеска ја испрати евроамбасадорот Михалис Рокас. За разлика од тврдата и дефанзивна позиција на Владата, Рокас понуди речник на прагматизам и политичка зрелост.

Неговата оценка дека Северна Македонија „припаѓа на европското семејство“ и дека земјата е „многу поблиску отколку што мислиме“, всушност беше дипломатски обид да се покаже дека прозорецот за напредок сè уште е отворен. Но, уште поважен беше вториот дел од неговата порака – дека недостига „малку прагматизам, одлучност и желба за обединување на политичкиот спектар“ за да се направи „последниот одлучувачки чекор“.

Во таа формулација се содржи суштината на проблемот. Европската Унија не бара од Македонија невозможна геополитичка жртва, туку политичка одлука за продолжување на процесот што самата држава го прифати. Прашањето повеќе не е дали условите се фер или неправедни – тоа одамна е тема на јавна дебата – туку дали постои политичка волја и капацитет да се преземе одговорност за носење тешка одлука.

ВМРО-ДПМНЕ милува национални фрустрации

Актуелната Влада очигледно проценува дека политички е поисплатливо да ја одржува атмосферата на национална фрустрација и да ја префрла вината кон Бугарија, ЕУ или претходните власти, отколку да отвори процес што носи ризик од внатрешни политички последици. Но, таквиот пристап има цена. Долгото држење на државата во состојба на неизвесност создава замор кај граѓаните, дополнително ја намалува довербата во европската перспектива и ја продлабочува изолацијата на земјата во регион во кој соседите, и покрај сопствените проблеми, сепак се движат напред.

Уште поопасно е што со секое ново одложување Македонија ризикува да стане пример за држава што формално зборува за Европа, а суштински се помирува со стагнација. Наместо лидерство што ќе понуди визија и излез од блокадата, јавноста добива пораки дека треба да се навикне на чекање „со децении“. Тоа не е стратегија за интеграција, туку политичка нормализација на застојот.

Изјавата на Рокас треба да се чита како предупредување, но и како последен потсетник дека вратата на Европската Унија не е затворена.

Но, изјавите на Мицкоски и Муцунски очигледно зборуваат дека актуелната македонската политичка елита во лицето на Владата, нема храброст да ја отвори и продолжува да ја држи државата во самонаметната изолација, убедувајќи ги граѓаните дека мирувањето, состојбата без акција, е исто што и достоинство.

Зачлени се на нашиот е-билтен