Борисов му нудел бизнис на Трамп јуниор за симнување на бугарски политичари од американската „црна листа“

Борисов

Бугарската крипто-компанија Nexo, која пред само неколку години беше исфрлена од американскиот пазар и казнета со десетици милиони долари поради спор со американските регулатори, денес повторно се враќа во САД – овојпат со поддршка и блиски врски со семејството Трамп. Во анализа на EUalive се наведува дека токму контактите со Доналд Трамп Помладиот и променетата политичка клима во Вашингтон ѝ овозможиле на компанијата ново позиционирање на американскиот пазар.

Текстот потсетува дека Nexo, основана во Бугарија во 2017 година, изградила голем крипто-бизнис базиран на позајмици обезбедени со криптовалути, нудејќи високи камати на депозити. Компанијата, сепак, со години беше оптоварена со контроверзии, судски спорови, обвинувања за измами и сомнежи за нетранспарентно работење. Американската Комисија за хартии од вредност (SEC) и неколку сојузни држави ја обвинија компанијата дека нудела нерегистрирани финансиски производи, по што Nexo плати околу 50 милиони долари казни и се повлече од американскиот пазар.

Според написот, пресвртот се случил во 2025 година, кога Доналд Трамп Помладиот присуствувал на настан организиран од Nexo во Софија. Компанијата потоа инвестирала 10 милиони долари во голф-турнир во шкотскиот ресорт на Доналд Трамп, а кратко потоа објавила дека повторно ќе работи во САД преку посредничка финтек-компанија. Авторот оценува дека враќањето на Nexo е симбол на новата политика на администрацијата на Трамп кон криптовалутите и регулаторите.

Во текстот се отвора и политичката димензија на случајот. Се наведува дека лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, имал средба со Трамп Помладиот непосредно пред настанот во Софија, а според информации на Wall Street Journal, разговарал и за можноста САД да добијат удел во гасоводот „Турски тек“ во замена за симнување на одредени бугарски политичари од американската „Магнитски“ листа.

Авторот оценува дека случајот со Nexo покажува како политиката, крипто-индустријата и влијанието на семејството Трамп сè повеќе се преплетуваат, при што компанија што претходно била предмет на истраги и сомнежи денес повторно добива пристап до американскиот пазар.

Анализата заклучува дека во Бугарија, наместо да се расчистат дилемите околу работењето на Nexo, истрагите се претвориле во политичка пресметка, а компанијата дури поднела и тужба против бугарската држава барајќи отштета од 3 милијарди долари.

Зачлени се на нашиот е-билтен