Никовски: Позицијата на Мицкоски „ќе чекаме ако треба и со децении“ е погрешна

Никовски

Во „Само вистина“ на ТВ Канал 5, поранешниот амбасадор Ристо Никовски оцени дека моменталната цврста позиција на премиерот Мицкоски дека „ќе чекаме ако треба и со децении“ е погрешна.

Тој нагласува дека и по десет години од сега да се одржуваат нови избори во Бугарија, и дваесет години, ниедна власт која ќе дојде нема да има поинаков однос кон Македонија.

„Тоа е факт. Тоа покажува дека топката е во нашиот двор и мислам дека моменталната цврста позиција на премиерот дека „ќе чекаме ако треба и со децении“ е погрешна. Бидејќи ако имате проблем, а проблемот е наш, Бугарија нас не блокира како што беше претходно со Грција. Грција имаше проблем со нашто име, позициите беа наши и, сега, ние сме под агресија на Бугарија“, укажува Никовски.

Ристо Никовски ова го поткрепува со наведување на изјавите на Румен Радев за македонското прашање во Бугарија во кој тој вели дека „Бугарија не може да прифати легитимирање на македонскиот јазик и македонско малцинство во Бугарија. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но без фалсификување на историјата и јазикот. Македонскиот јазик е бугарски дијалект и историјата ни е заедничка“.

Тоа се доволни и покажуваат сѐ. Значи нема никаква надеж дека тој ќе донесе било какви промени во однос на Македонија.

„Има една вистина којашто кај нас не се согледува доволно. Влезот на Македонија во ЕУ значи дефинитивно легитимирање и меѓународно етаблирање на нашата држава и затоа не нѐ пуштаат“, истакна Ристо Никовски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Зачлени се на нашиот е-билтен