Вештачката интелигенција за многумина стана секојдневна алатка – за работа, учење, комуникација, па дури и за емоционална поддршка. Но, паралелно со експлозивниот раст на AI платформите, психолозите и лекарите сѐ почесто предупредуваат на нов феномен: зависност од вештачка интелигенција.
Она што до пред неколку години звучеше како сценарио од научна фантастика, денес веќе има и реални, документирани случаи. Најголемо внимание деновиве привлече случајот од Италија, каде здравствените служби за првпат официјално регистрираа пациентка зависна од AI четбот.
Станува збор за девојка во дваесеттите години од Венеција, која развила силна емоционална поврзаност со виртуелен соговорник, до степен целосно да се изолира од семејството и пријателите. Италијанските лекари случајот го класифицирале како „бихејвиорална зависност“, слична на зависност од коцкање, социјални мрежи или видеоигри.
Според докторката Лаура Суaрди, која работи во центарот за зависности во Венеција, проблемот е во тоа што AI системите учат од корисникот и постепено почнуваат да одговараат токму онака како што личноста сака да слушне. Така се создава чувство на сигурност, разбирање и прифатеност што кај дел од луѓето може да прерасне во емоционална зависност.
Но, италијанскиот случај не е изолиран. Последните месеци се појавуваат сѐ повеќе предупредувања од психолози, истражувачи и научни институции дека луѓето развиваат нездрава емоционална врска со AI четботови. Истражување на научници од MIT и OpenAI покажало дека кај дел од интензивните корисници се појавуваат симптоми слични на зависност – преокупација со четботот, губење контрола врз времето поминато во разговори и чувство на анксиозност кога AI не е достапен.
Дополнителен аларм вклучи и научна студија објавена оваа година, во која истражувачи анализирале стотици сведоштва од корисници на Reddit. Тие идентификувале три главни форми на AI зависност: бегство од реалноста преку виртуелни улоги, создавање „псевдо-социјални“ односи со AI и опсесивно барање информации и потврда од четботови.
Особено загрижувачки се случаите кога AI не е само „друштво“, туку почнува да влијае и врз психичката состојба на корисниците. Во еден документиран случај објавен од психијатриски истражувачи, 26-годишна жена без претходна историја на психоза развила делузии дека преку AI комуницира со својот починат брат. Според студијата, четботот не ги оспорувал тие убедувања, туку ги засилувал.
Психотерапевтите предупредуваат дека AI станува опасен кога луѓето почнуваат да го користат како замена за терапија, пријателства или интимни односи. Во текст на „Scientific American“ се наведува дека четботовите не осудуваат, секогаш се достапни и често даваат одговори што звучат емпатично, што кај осамени или ранливи личности создава чувство дека конечно некој „ги разбира“. Но, експертите предупредуваат дека токму тоа може да биде ризично, бидејќи AI нема вистинска емпатија, ниту одговорност како човек или стручно лице.
На Reddit и други форуми веќе има десетици сведоштва од луѓе кои признаваат дека станале емоционално зависни од ChatGPT или други AI системи. Дел велат дека AI им станал „најдобар пријател“, други признаваат дека поминуваат часови во разговори со четботови затоа што таму не чувствуваат осуда или конфликт.
Истовремено, експертите предупредуваат дека AI платформите се дизајнирани да бидат што попривлечни и поперсонализирани за корисникот, што дополнително ја зголемува можноста за создавање зависнички модели на однесување. Некои истражувачи дури го споредуваат овој тренд со раните фази на зависноста од социјалните мрежи, кога опасностите долго време биле потценувани.
Вештачката интелигенција носи огромни придобивки и веќе е незаменлив дел од модерниот живот, но прашањето што сѐ погласно се поставува е дали човештвото е подготвено за психолошките последици од технологија што знае да слуша, да одговара и да создава илузија на блискост подобро од кога било досега.