ЕУ му подава рака на Балканот, но сметката се вика реформи

Калас

Брисел – Европската Унија ја потврди политичката поддршка за продлабочување на соработката со земјите од Западен Балкан во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, но од регионот бара продолжување на реформите, почитување на владеењето на правото и појасно усогласување со надворешната политика на Унијата.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, по состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел изјави дека Западен Балкан останува стратешки приоритет за ЕУ. На средбата било разговарано за поголема соработка со партнерите од регионот, особено во справувањето со хибридни закани, дезинформации и странско влијание.

Поддршката на ЕУ треба да се движи во неколку насоки: засилена помош против хибридните закани, ново Партнерство за безбедност и одбрана со Црна Гора и поголема употреба на Европскиот мировен фонд за јакнење на одбранбените капацитети на партнерите од регионот.

Калас порача дека партнерството со ЕУ не е еднонасочен процес. Од земјите од Западен Балкан се очекуваат натамошни реформи, почитување на владеењето на правото и јасно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

„Западен Балкан припаѓа во Европската Унија“, изјави Калас, додавајќи дека чекорите што ги разгледале министрите се насочени кон таа цел.

На состанокот било отворено и прашањето за Босна и Херцеговина, по најавената оставка на високиот претставник Кристијан Шмит. Министрите оцениле дека е во интерес на ЕУ земјата да остане на европскиот пат и дека Унијата треба да настапи усогласено во процесот на избор на негов наследник.

Пораката од Брисел доаѓа во момент кога проширувањето повторно се претставува како геополитички приоритет, но со појасна врска меѓу европската поддршка и обврските на земјите кандидати. За регионот тоа значи дека безбедносната и политичката соработка со ЕУ ќе оди паралелно со барањата за реформи, владеење на правото и усогласување со европската надворешна политика.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано