СДСМ: Уште 19 дена за исполнување на реформите на Мицкоски

СДСМ

Во денешното соопштение СДСМ потсетува дека остануваат уште 19 дена до рокот кој ќе потврди неисполнување на реформите од Владата на Мицкоски.

„Додека Тимчо Муцунски тврди дека владата постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда реалноста е сосема поинаква.Нема реформи, нема резултати, нема напредок. Единствено што гледаат граѓаните се секојдневни конфликти и нови изговори за неисполнување на реофрмите“, се вели во реакцијата.

Бидејќи нема никакви реформи, истакнуваат од СДСМ, Христијан Мицкоски повторно ја активира добро познатата стратегија за мачкање очи на јавноста и дефокусирање од сопствениот неуспех.

„Намерно ги заострува односите со Бугарија, создава нови тензии и конфликти, наместо да гради позиции за напредок на државата и продолжување на европскиот пат. Паралелно ја напаѓа СДСМ и шири лажни обвинувања дека некој друг е виновен за тоа што Владата не спроведува реформи“, се укажува во соопштението.

Самиот Мицкоски призна дека за реформите не му е потребна опозицијата, нагласува СДСМ.

„Тој постојано се фали дека има апсолутно мнозинство во Собранието. Истото тоа мнозинство без консензус ја укина техничката влада. Со истото тоа мнозинство може да ги донесе и сите закони и реформи ако навистина сака“, се наведува во реакцијата.

СДСМ не му е потребен за реформи, велат од партијата, и посочуваат дека СДСМ му треба само како алиби за сопствениот неуспех и за фактот дека Владата не ги исполнува условите за продолжување на европскиот пат и отворање на поглавјата.

„Тоа е вистината која Мицкоски се обидува да ја сокрие зад нови лаги и конфликти. Како што ги лажеше граѓаните дека ќе го укине Преспанскиот договор без последици, дека ќе го врати името, дека македонскиот идентитет бил загрозен, така и денес повторно лаже за реформите и европската иднина на државата. Тогаш клечеше и молеше за власт, а денес ја држи Македонија на колена“, смета СДСМ.

Мицкоски не сака Европска Унија, за да продолжат криминалните тендери без контрола и без одговорност, тоа е суштината, оценуваат во опозициската партија и потенцираат дека затоа нема реформи и затоа со оваа криминална власт нема членство во ЕУ и дека македонските граѓаните се заложници на интересите на една криминална група ВМРО.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано