Одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино повторно ја отвори најболната точка на македонскиот правосуден систем: Сомнежот дека предметите од висок политички и финансиски интерес не завршуваат според силата на доказите, туку според тежината на политичкиот момент.
Кога случај што една година беше претставуван како „криминал тежок 167 милиони евра“ завршува со констатација дека „нема штета“, јавноста не добива чувство на правна сигурност, туку впечаток дека институциите или драматично згрешиле на почетокот или драматично попуштиле на крајот.
Истрагата започна по кривична пријава на МВР и по наоди што претходно ги отвораше и Државната комисија за спречување на корупцијата. Во фокусот беа набавките на мазут во време на енергетската криза, кога државата преку ТЕЦ Неготино плаќаше огромни суми за снабдување со енергенси.
Во предметот беа опфатени поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, бизнисмените Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски од РКМ, како и Асмир Јахоски од „Пуцко Петрол“.
Во јавноста се зборуваше за сомнежи за местење тендери, перење пари и незаконски исплати.
Но, по повеќе од 14 месеци истрага, обвинителката Катерина Коларевиќ донесе сосема поинаков заклучок. Според обвинителството, не биле пронајдени докази за злоупотреби, а сведочењата од актуелните раководства на ЕСМ и ТЕЦ Неготино покажале дека набавките биле законски и дека државата, наместо штета, имала корист бидејќи биле избегнати рестрикции и била произведувана струја по пониски цени од берзанските.
Токму тука започнува проблемот што ја надминува самата истрага. Ако навистина немало криминал, тогаш се поставува прашањето како МВР и другите институции воопшто дошле до сума од 167 милиони евра наводна штета и до сомнежи за перење пари. Ако, пак, постоеле сериозни индиции, тогаш јавноста има право да знае што точно се променило во текот на постапката. Во вакви ситуации, институционалната недоследност ја уништува довербата многу повеќе отколку самата одлука.
Особено симптоматично е што пресвртниот момент дошол по исказите на новите управувачки структури во ЕСМ и ТЕЦ Неготино. Со тоа, целата конструкција на предметот практично се урна врз основа на сведочења од институции кои претходно биле претставувани како оштетени. Формално-правно тоа е легитимно, но политички и општествено отвора сомнеж дека вистината во Македонија премногу често зависи од тоа кој моментално управува со институциите.
Дополнителна тежина на случајот му дадоа реакциите на премиерот Христијан Мицкоски и министрите од Владата. Мицкоски јавно соопшти дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески и оцени дека обвинителството ќе го изгуби кредибилитетот ако предметот не биде преиспитан.
Таквата комуникација можеби политички изгледа очекувана во услови на силен јавен интерес, но правно и демократски отвора опасен терен. Во систем што треба да почива на поделба на власта, директни разговори меѓу премиер и јавен обвинител за конкретен предмет неизбежно создаваат перцепција на притисок, без оглед дали притисокот навистина постоел.
Токму затоа реакциите на професорот Гордан Калајџиев и истражувачот Мартин Тасевски добиваат особена тежина. Нивната оценка дека извршната власт не смее да коментира активни предмети не е академски формализам, туку суштински услов за постоење независно обвинителство.
Кога политичарите почнуваат јавно да одредуваат што е „праведна“ обвинителска одлука, институцијата полека престанува да биде правен орган и се претвора во арена за политичко дисциплинирање.
Но, и обвинителството има сериозна одговорност за атмосферата на недоверба. ОЈО ГОКК не функционира во вакуум. Со години наназад институцијата е под сомнеж за селективност, бавност и политичка ранливост.
Одлуката за запирање на истрагата доаѓа во време кога довербата во правосудството е драматично ниска, а секое затворање на предмет со висок профил автоматски се чита низ политичка призма. Наместо детална и проактивна транспарентност, јавноста повторно доби фрагментарни објаснувања и политички препукувања.
Во јавноста останува впечаток дека еден голем случај е пресечен на сегменти, при што институциите се обидуваат да ја амортизираат, односно, исчистат политичката штета, наместо целосно и убедливо да ја расчистат вистината.
Во суштина, аферата со мазутот за ТЕЦ Неготино стана многу повеќе од прашање за тендери и набавки. Таа стана тест за тоа дали обвинителството е независен механизам што ги следи доказите или институција што се движи под сенката на политичките центри на моќ.
Во држава во која секоја голема истрага завршува со меѓусебни обвинувања меѓу власта, опозицијата, обвинителството и полицијата, граѓаните сè потешко веруваат дека правдата навистина има автономен пат.
И токму затоа прашањето од почетокот останува да виси над целиот случај: дали обвинителството е независен чувар на законот или институција што периодично служи како крпа за бришење политички флеки? Во македонската реалност, проблемот е што премногу луѓе веќе мислат дека го знаат одговорот.
