Запрена истрагата за мазутот во ТЕЦ Неготино, Јахоски и Капушевски без обвинение

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре истражната постапка за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, откако по едногодишна истрага не биле потврдени наводите од кривичната пријава. Со одлуката, во оваа фаза нема обвинение против лицата опфатени со предметот, меѓу кои беа и бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски.

Предметот се однесуваше на набавките на мазут за ТЕЦ Неготино во периодот на енергетската криза, а истрагата првично опфати 13 физички лица и едно правно лице. Во март 2025 година обвинителството отвори истрага по сомнежи за злоупотреби во постапките за јавни набавки, перење пари и наводна штета врз државниот буџет од околу 167,5 милиони евра.

По спроведената истражна постапка, обвинителството соопшти дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту дека постои друго кривично дело што се гони по службена должност. Во постапката биле анализирани финансиски и договорни документи, вештачења и искази од сведоци, претставници на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори со лиценци за трговија со мазут.

Обвинителството утврдило дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и со примена на законските исклучоци предвидени во Законот за јавни набавки, со цел да се обезбеди непречено производство на електрична енергија. Во соопштението се наведува дека ЕСМ ги контактирал економските оператори што имале лиценци за трговија со мазут, а дел од компаниите не учествувале поради сопствени деловни проценки, високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците на енергетскиот пазар.

Во делот на испораките, обвинителството оценило дека мазутот бил навремено испорачуван и дека производството на електрична енергија во ТЕЦ Неготино не било доведено во прашање. Исто така било оценето дека не е утврдена штета врз ЕСМ или врз државниот буџет, а исплатените средства не биле третирани како противправно стекната имотна корист.

За сомневањата за перење пари, обвинителството оценило дека финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на прикривање незаконски стекнати средства, бидејќи не било утврдено дека парите потекнуваат од кривично дело.

Случајот доби големо внимание откако во март 2025 година беа приведени повеќе лица, а обвинителството тогаш соопшти дека постои основано сомнение за злоупотреби во набавката на мазут за ТЕЦ Неготино. Во јавноста предметот беше поврзуван и со претходни истражувачки објави за набавките на мазут во време на енергетската криза, кога ТЕЦ Неготино беше ставена во функција за да помогне во производството на електрична енергија.

Одлуката за запирање на истрагата не е конечен крај на сите правни можности. Оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано