Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата поддршка на претстојните парламентарни избори, наведувајќи дека Соединетите Американски Држави, Израел и Евреите имаат среќа што го имаат него за претседател на САД.
Во видео обраќање на англиски јазик, Нетанјаху ја пофали „јасноста, доследноста, убедувањето и храброста“ на Трамп на платформата X, објавува „Тајмс оф Израел“.
„Дозволете ми да им кажам на американскиот народ, ако сте загрижени за денешните цени на бензинот, размислете што ќе се случи ако Иран се здобие со нуклеарно оружје, нешто што Доналд Трамп и јас никогаш нема да го дозволиме“, рече Нетанјаху.
Тој рече дека кога иранскиот режим „ќе исчезне“, „цените на бензинот ќе паднат“, но „само под Трамп“.
„Светот имаше среќа. Америка имаше среќа, сојузниците на Америка имаа среќа, Израел имаше среќа и еврејскиот народ имаше среќа. Никогаш немало поголем пријател на Израел во Белата куќа. Тоа е благо кажано“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека Трамп е „ласерски фокусиран на задачата да ја отстрани оваа закана од сегашната генерација Американци, од сите идни генерации“.
Порано вчера, Трамп му даде „целосна поддршка“ на Нетанјаху за нов мандат, со оценка дека е силен, храбар и исклучителен лидер, како и клучен партнер на САД во борбата против Иран.
„Ве молам, сфатете го ова писмо како моја целосна и безрезервна поддршка за Биби Нетанјаху во претстојната трка за избор на премиер на Израел. Биби Нетанјаху никогаш нема да ве изневери!“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, обраќајќи им се на граѓаните на Израел.
Трамп го опиша Нетанјаху како „голем воинствен премиер“ и уште поголем партнер во постигнувањето мир преку соочување со Иран.
Парламентарните избори во Израел се закажани за 27 октомври, кога граѓаните со право на глас ќе изберат 120 пратеници за новиот состав на израелскиот парламент, Кнесетот.

