Мицкоски изјави дека е шокиран

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бил „шокиран“ и дека со „неверување“ ја примил одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, предмет во кој беа опфатени поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски, како и уште неколку лица.

Мицкоски рече дека очекува случајот повторно да биде разгледан, откако АД ЕСМ ќе поднесе жалба на одлуката на Обвинителството. Според него, доколку тоа не се случи, Обвинителството за организиран криминал ќе го изгуби својот кредибилитет.

Премиерот откри и дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој, според неговите тврдења, му рекол дека не бил информиран за одлуката што ја донело Обвинителството за организиран криминал, предводено од Ислам Абази. Мицкоски повторно го спомена Абази, наведувајќи дека јавноста „знае за каков обвинител станува збор“.

Одлуката за запирање на истрагата следува по едногодишна постапка во која Обвинителството испитувало сомнежи за злоупотреби при јавни набавки, незаконити договори, анекси и перење пари поврзани со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза. Обвинителството соопшти дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените сториле кривични дела, ниту дека постои друго дело што се гони по службена должност.

Во образложението на обвинителите се наведува дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци предвидени во Законот за јавни набавки. Според ОЈО ГОКК, не била утврдена штета за буџетот, а ТЕЦ Неготино произведувала електрична енергија по пониска цена од струјата на слободниот пазар.

Случајот предизвика голем јавен интерес и поради сомнежите дека за ТЕЦ Неготино бил користен мазут со спорен квалитет и високо ниво на сулфур. Еколошки организации и медиумски истражувања претходно предупредуваа за можни последици врз животната средина и здравјето на граѓаните.

По реакцијата на Мицкоски, пратеникот Антонио Милошоски побара оставка од Ислам Абази, оценувајќи дека станува збор за „обвинителски скандал“ поврзан со предмет тежок околу 167 милиони евра.

АД ЕСМ, пак, соопшти дека го разгледува решението и подготвува жалба, иако официјално сè уште не им било доставено образложението од Обвинителството.

Случајот „Мазут“ во изминатата година беше претставуван како една од најголемите истраги поврзани со енергетскиот сектор во земјата. Неговото затворање без обвинение отвори нов судир меѓу Владата и Обвинителството, но и нови прашања за тоа како се водат и завршуваат големите случаи со политичка и економска тежина.

Најчитано

[wpp wpp_start='
    ' range='last24hours" limit=8 stats_views=0 ]

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано

[wpp wpp_start='
    ' range='last24hours" limit=8 stats_views=0 ]