Министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова оствари средба со потсекретарката за политички прашања во американскиот државен департмент, Алисон Хукер, соопштува Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Разговорот се одржа во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг, Шведска.
Шефицата на дипломатијата на Бугарија се фокусирала на што поскорото пристапување на Бугарија кон Програмата за укинување на визите за САД.
Министерката Петрова го нагласи исполнувањето на техничките критериуми од страна на бугарската страна, како и важноста од укинувањето на туристичките и деловните визи за бугарските граѓани и со оглед на рамнотежата во стратешките односи меѓу Бугарија и САД.
За време на разговорот, американската страна, тврди бугарското МНР, ја потврди својата посветеност за продолжување на дискусиите по ова прашање.
Како стратешки партнери и сојузници во НАТО, Бугарија и САД ја потврдија својата подготвеност да продолжат да работат заедно за зајакнување на соработката во областите на безбедноста и одбраната, модернизацијата на бугарските вооружени сили, диверзификацијата на енергијата, трговијата и инвестициите, науката и технологијата, се вели во соопштението на МНР на Бугарија.
