Бугарија под вода се најде по силното невреме што ги погоди Велико Трново, Габрово и околните населени места, каде за околу 40 минути наврнаа повеќе од 70 до 80 литри дожд на квадратен метар, улиците се претворија во реки, а реката Јантра се доближи до критичните нивоа.
Во Велико Трново беше прогласена вонредна состојба, откако поројот предизвика поплавени приземни катови, дворови и подруми во повеќе населени места. Најтешка била состојбата во Присово и Дебелец, каде дел од жителите биле сместени кај роднини и пријатели, а службите излегле на терен за одводнување и проверка на ризичните точки.
Реката Јантра во Велико Трново, според последните информации, почнала да се повлекува, но нивото и понатаму останува опасно високо. Во еден момент било измерено 6,90 метри, многу блиску до критичната граница од нешто над 7 метри, а градоначалникот Даниел Панов соопшти дека водениот бран што дошол од Габрово и Дрјаново почнал полека да се повлекува.
Паралелно, специјализирана механизација ги отстранува трупците, наносите и сè што реката го влечела со себе. Се работи само таму каде што е можно, бидејќи водостоите сè уште се високи и ризични. Во селото Пушево нивото се намалило за околу еден метар, но службите остануваат на терен.
Габрово исто така прогласи вонредна состојба за делови од општината. Таму Јантра излезе од коритото во реонот на квартот Радичевец, беа затворени делови од сообраќајот, а преку системот BG-Alert беше испратено предупредување до населението. БТА објави и дека на територијата на областа Габрово е прогласена вонредна состојба поради поплавите.
Бугарските власти засега соопштуваат дека нема информации за жртви, но штетите се значителни, а опасноста не е целосно помината. Поплавени улици, затворени патишта, прекинат железнички сообраќај на одредени делници, паднати карпи и евакуации ја покажаа силата на невремето што за помалку од еден час го стави регионот во кризен режим.
Најголемата опасност сега е водата што продолжува да пристигнува од горните текови и притоките на Јантра. Затоа службите ги следат реките, деретата и критичните населби, додека граѓаните се предупредуваат да избегнуваат ризични патувања и да ги почитуваат насоките на полицијата и спасувачките екипи.
