Славија вечерва беше претесна за колоните студенти и граѓани кои од неколку правци пристигнаа на протестот во Белград, организиран од студентите во блокада под мотото „Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“. Собирот почна во 18 часот, по претходни собирања кај Земјоделскиот факултет во Земун, Правниот факултет, Автокоманда и Плоштадот на Републиката.
На плоштадот се обратија студенти, професори и претставници на академската заедница, а пораките од протестот брзо излегоа од рамката на студентските барања и прераснаа во поширок граѓански повик за институционална одговорност. Српските медиуми јавија за голем број присутни, полни приоди кон Славија, блокирани делови од сообраќајот и колони што се слеваа кон центарот на Белград.
Една од најсилните пораки ја испрати студентката Елена од Бајина Башта, која праша дали Србија е за држава или за мафија. Таа порача дека студентските барања одамна станале барања на граѓаните и дека протестот е одговор на неисполнетите барања за одговорност по трагедијата во Нови Сад, каде што загинаа 16 лица.
Ректорката на Универзитетот за уметности, Мирјана Николиќ, оцени дека власта се плаши од луѓе што мислат слободно и критички, додека академикот Радомир Сајчиќ испрати критика кон односот на власта кон универзитетот. Во исто време, во Пионирскиот парк беше забележано присуство на поддржувачи на власта и полициски кордони.
Точната бројка на присутни не беше официјално усогласена. „Архив јавних скупова“ соопшти дека, според снимките, собирот може да биде во рангот на најголемите студентски протести досега, но предупреди дека процена за маса над 100 илјади луѓе е сложена и дека нема да ја објави вечерва. АП јави за десетици илјади демонстранти во Белград.
Протестот доаѓа во период на засилен политички притисок врз српските власти, откако студентското движење повеќе од една година ја држи темата на одговорност, корупција и изборна промена во фокусот на јавноста. Претседателот Александар Вучиќ претходно најави дека изборите би можеле да се одржат од крајот на септември до средината на ноември.
