Тензично и драматично е вечерваво Белград, откако по масовниот антивладин протест организиран од студентските движења дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и српската полиција во центарот на градот. Инцидентите избија по официјалниот дел од протестот, во близина на Плоштадот Славија и околу Пионирски парк, каде што со часови владееше висока тензија меѓу насобраните граѓани, студентите и силните полициски кордони.
Според извештаите на српските медиуми и светските агенции, демонстрантите фрлале шишиња, пиротехнички средства, факели и камења кон припадниците на полицијата, додека специјалните единици возвратиле со употреба на бибер-спреј и интервенции за растерување на толпата. На снимките што се проширија на социјалните мрежи се гледаат моменти на хаос, трчање низ улиците и судири меѓу млади демонстранти и полицајци во опрема за разбивање демонстрации.

Протестот, кој првично поминувал мирно, бил организиран од студентските движења што со месеци протестираат против власта на српскиот претседател Александар Вучиќ. Демонстрантите бараат предвремени парламентарни избори, поголема одговорност на институциите и борба против корупцијата, а протестното движење доби дополнителна сила по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во 2024 година, кога загинаа 16 лица.
— Kostja (@kostja_r) May 23, 2026
Особено чувствителна точка вечерва беше просторот околу Пионирски парк, каде со денови престојуваат групи провладини активисти и таканаречени „студенти кои сакаат да учат“, камп што е обезбедуван со силно полициско присуство. Областа беше оградена, а околу неа беа распоредени жандармериски единици, трактори и барикади, што дополнително ја зголеми атмосферата на конфронтација.
Во текот на вечерта, српското Министерство за внатрешни работи упати предупредување до демонстрантите „веднаш да престанат со нападите и провокациите“, наведувајќи дека полицијата ќе интервенира „во согласност со законот“ за да ги заштити своите припадници. Според дел од медиумските извештаи, имало повеќе приведени лица, а неофицијално се споменуваат и повредени учесници во судирите.

Во политичката атмосфера дополнителна поларизација внесе и претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ, која ги обвини „екстремистите“ за насилствата и тврдеше дека нападите биле насочени и кон студентите во блокада и кон групите сместени во Пионирски парк. Опозицијата, пак, ја обвинува власта дека со денови создава атмосфера на страв и конфронтација пред протестите.
Kod Pionirskog parka dolazi do sukobljavanja, upaljene su baklje kod Skupštine pic.twitter.com/dAxNGjhCuh
— Mašina (@MasinaRS) May 23, 2026
Масовноста на протестот уште еднаш покажа дека студентското движење во Србија прераснува во поширок граѓански отпор против власта. Илјадници луѓе пристигнале во Белград од повеќе градови низ Србија, и покрај тоа што железничкиот сообраќај кон главниот град бил прекинат. Дел од аналитичарите оценуваат дека ова е најголемиот бран незадоволство во Србија во последните години.
Се очекува ситуацијата во текот на ноќта да остане напната, а дел од улиците во центарот на Белград се под силно полициско обезбедување. Српските медиуми јавуваат дека претседателот Вучиќ се очекува да ѝ се обрати на јавноста по инцидентите, додека студентските групи најавуваат дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.
