„Роаминг како дома“ стана лага како дома: Владата повторно го помести рокот

роаминг

„Роаминг како дома“ со Европската Унија требаше да биде една од симболичните, но и практични придобивки што граѓаните на Македонија ќе ги почувствуваат уште пред полноправното членство во ЕУ. Наместо тоа, мерката постепено се претвори во уште едно политичко ветување со постојано поместување на роковите, типично за македонската политичка реалност – многу најави, малку реализација.

Последната изјава на министерот за дигитализација Стефан Андоновски дека Македонија може да очекува „роаминг како дома“ со ЕУ дури од јануари 2027 година само го потврди впечатокот дека јавноста веќе не верува во роковите што ги соопштува Владата.

Особено затоа што ова не е прво, ниту второ одлагање.

Само во последните две години граѓаните слушнаа неколку различни датуми. Прво се зборуваше за септември 2025 година. Потоа рокот се помести за декември истата година. Следуваше оптимистичката најава за почетокот на 2026 година, која ја спомена и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски по средбите со европски претставници.

Во меѓувреме, и европската комесарка Марта Кос говореше за можност роамингот да стартува од 1 јануари 2026 година, доколку бидат исполнети предусловите.

Но, како што одминуваше времето, така оптимистичките изјави почнаа да се претвораат во административни објаснувања. Од Владата почнаа да порачуваат дека Македонија „ги исполнила условите“, но дека процесот зависел од Европската Унија, од операторите, од регулаторите и од дополнителни процедури. На крајот, ветувањето стигна до 2027 година.

Токму тука се отвора и суштинската дилема – дали Владата избрзано ветувала нешто што однапред знаела дека не може да го реализира во најавените рокови, или пак станува збор за класична политичка комуникација во која важен е ефектот на најавата, а не точноста на рокот.

Проблемот не е само во роамингот. Проблемот е што јавноста сè почесто ги препознава истите шаблони. Големи најави со европски наратив, оптимистички рокови, медиумска промоција и потоа постепено релативизирање на очекувањата.

На крајот, наместо конкретен резултат, останува впечатокот дека ветувањата функционираат според „македонски стандарди“. Секогаш има нов рок, ново оправдување и ново објаснување зошто нешто што било „речиси готово“ повторно се одложува.

Иронијата е што концептот „роаминг како дома“ требаше да значи приближување кон европските стандарди. Наместо тоа, целата приказна почна да наликува на домашната политичка традиција во која роковите служат повеќе како политички маркетинг отколку како реални обврски за исполнување.

Се разбира, овие ветувања, ветувања и само ветувања кај граѓаните го исправа прашањетро дали воопшто треба да им веруваат на роковите што Владата ги соопштува. А кога едно ветување ќе биде поместено толку многупати, тогаш и најавата за 2027 година звучи повеќе како нова епизода од старата приказна отколку како конечен датум.

Најчитано