„Војна е девојка која нема милост за ниту еден љубовник“ – Македонија во демографски шок

демографски

Кога заминуваат млади луѓе, треба да знаете дека најмобилни се најобразованите, најадаптибилните и најпродуктивните генерации. Тоа значи дека државата не губи население рамномерно, туку го губи највредниот сегмент од човечкиот капитал.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Во современите војни најчесто се бројат човечки жртви, тенкови, авиони, територии и воени позиции. Но секоја долготрајна војна на крајот се сведува на една клучна категорија: човечкиот потенцијал. Државите можат да обноват инфраструктура, да произведат ново оружје и да реконструираат економија. Многу потешко, односно невозможно, е да се обноват генерации.

Во согласност со стихот на Ристо Вртев во насловот за „милоста на љубовниците“, како вовед сакам да ги искористам последните податоци на украинскиот Генералштаб, според кои Русија од почетокот на инвазијата врз Украина, во февруари 2022 година, досега изгубила околу 1,36 милиони војници.

Сакам оваа бројка да ја ставам во македонски контекст. Овој број од 1,36 милиони луѓе е речиси еквивалентен на три четвртини од целокупното население на Македонија денес. Според Државниот завод за статистика, на крајот на 2024 година државата има проценети 1.822.612 жители. Или, безмалку сосема безначајно, помалку од половина милион — и тоа е целата наша држава.

За среќа, Македонија не ги губи луѓето во војна и во ровови од дронови. Но веќе повеќе од две децении континуирано губи човечки потенцијал преку комбинација од ниска стапка на наталитет, стареење на населението, негативен природен прираст и, во голема мера, иселување на млади и работоспособни генерации.

Тоа што загрижува кај македонската демографија е што повеќе не станува збор за краткорочна мигрантска, циркуларна „оди си — дојди си“ флуктуација, туку за долгорочен тренд.

Во 2014 година во Македонија биле родени 23.596 деца. Во 2024 година бројот паднал на 16.061. Тоа е намалување од околу 32 % за само една деценија. Стапката на наталитет паднала од 11,4 на 8,8 живородени на 1.000 жители.

Кај старосната структура имаме уште поголем пад.

Во 2014 година лицата над 65 години сочинувале 13,5 % од населението. Во 2024 година нивниот удел е 18,6 %. Тоа значи дека Македонија во една деценија не само што станува помала, туку и значително постара држава.

Релативизирањето дека Македонија не е изолиран случај и дека речиси целиот Балкан минува низ сличен процес — не проаѓа.

Бугарија изгуби околу една четвртина од населението од почетокот на 1990-тите и денес е една од најбрзо стареечките држави во Европа. Србија бележи континуиран негативен природен прираст повеќе од две децении. Хрватска по влезот во ЕУ доживеа интензивен бран иселување на млади и квалификувани работници. Босна и Херцеговина губи население преку комбинација од ниска плодност и масовна емиграција.

Кај нас, во Македонија, има и дополнителен проблем: мал вкупен демографски базен.

Големи држави можат подолго да апсорбираат демографски шокови. Малите држави многу побрзо влегуваат во структурна нестабилност. Кога држава со помалку од два милиони жители губи десетици илјади млади луѓе во најпродуктивните години, последиците стануваат видливи во рок од една генерација.

Значи, овде треба да го бараме одговорот зошто дуќаните во ГТЦ се празни, зошто големите маркети што со децении работат како што треба се празнат и во криза најавуваат продажба, зошто цената на црешите е 500 денари за килограм.

Единствениот град кој засега ја амортизира кризата, но само делумно, е Скопје преку внатрешна миграција. За жал, ова не е решение. Тоа е само прераспределба на падот.

Во периодот 2010 – 2013 година работев во канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации и еден од проектите беше поддршка за нашата држава во имплементација на Национална демографска стратегија со мерливи резултати. Очигледно потфрливме сите, без разлика на сите можни изговори што секогаш ќе ги најдеме и ќе звучат здраворазумски и прифатливо.

Многу е важно да се направи нова стратегија, и тоа со краткорочни цели за 5 години, па за 10 и така натаму. И уште поважен е сериозен политички консензус околу таа стратегија за демографија. Да се утврдат максимум три приоритети и сите политички субјекти, институции, граѓански организации, но и сите останати фактори во општеството да придонесуваат.

Кога заминуваат млади луѓе, треба да знаете дека најмобилни се најобразованите, најадаптибилните и најпродуктивните генерации. Тоа значи дека државата не губи население рамномерно, туку го губи највредниот сегмент од човечкиот капитал.

Некои ќе речат дека е доцна. Веројатно е доцна, особено доколку демографската политика продолжиме да ја сметаме за изолирана мерка. Мораме уште вчера да направиме спој од економска, социјална, образовна и институционална политика за да ја добиеме војната.

Во спротивно…

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано