Договорот со Иран сè уште не е завршена работа, иако Вашингтон и Техеран се приближиле до привремен меморандум што би го продолжил прекинот на огнот за 60 дена и би отворил нова рунда преговори за иранската нуклеарна програма, додека конечната одлука останува кај американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека САД и Иран постигнале напредок, но дека договорот не е подготвен за потпис. „Блиску сме, но уште не сме таму“, порача Венс, објаснувајќи дека двете страни сè уште разговараат за неколку формулации во текстот.
Според американски извори, на маса е меморандум што би го продолжил примирјето меѓу САД и Иран за уште 60 дена, би овозможил разговори за нуклеарната програма на Техеран и би го отворил прашањето за пловидбата низ Ормутскиот Теснец. Токму теснецот е една од најчувствителните точки, бидејќи низ него минува значаен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас.
Ројтерс објави дека САД и Иран постигнале договор за продолжување на примирјето и за укинување на ограничувањата за пловидба, но дека Трамп сè уште не го одобрил документот. Иранските државни медиуми, пак, објавија дека текстот не е финализиран ниту потврден.
Ден претходно Трамп изјави дека Вашингтон не е задоволен од досегашниот предлог и дека САД не разговараат за ублажување на санкциите кон Иран. Тој рече дека Техеран сака договор, но дека американската страна сè уште не го смета предлогот за прифатлив.
Зад дипломатскиот јазик остануваат тешки прашања: иранската нуклеарна програма, збогатениот ураниум, санкциите, блокадите и безбедноста на Ормутскиот Теснец. Затоа договорот, дури и ако биде потпишан, би бил само почеток на нова и потешка фаза, а не крај на кризата.
