Предлог-измените на Законот за државјанство во Србија предизвикаа остри реакции во јавноста и отворија сомнежи за можен изборен инженеринг, откако беше објавено дека странци кои никогаш не живееле во земјата би можеле полесно да добијат српско државјанство и право на глас.
Според предлогот, за стекнување српско државјанство би било доволно лицето да се изјасни како припадник на српскиот народ, при што како доказ би можеле да се користат различни документи, вклучително и потврди за потекло или претходни изјави дадени во странство.
Пензионираната професорка по право Весна Ракиќ Водинелиќ предупредува дека ваквото решение „мириса на изборен инженеринг“, бидејќи новите државјани кои немаат живеалиште во Србија би биле заведувани во матичните книги на општини во Белград. Според неа, тоа дополнително може да го олесни добивањето фиктивни адреси и вклучување во избирачкиот список.
Во анализата на телевизијата N1 се прави споредба со Унгарија, каде што од 2011 година повеќе од еден милион етнички Унгарци од соседните држави добиле државјанство. Тамошната опозиција со години тврдеше дека ваквата политика придонела за зацврстување на власта на премиерот Виктор Орбан, бидејќи гласачите од дијаспората во голем процент ја поддржувале неговата партија Фидес.
Во текстот се наведува и примерот на Русија, која во минатото доделуваше државјанства на жители во делови од поранешниот Советски Сојуз, а подоцна го користеше присуството на руски државјани како аргумент во својата надворешна политика.
Дел од српската опозиција бара поголема транспарентност околу бројот на лица кои веќе добиле државјанство по различни основи, предупредувајќи дека јавноста нема увид во регистрите и дека постои ризик од злоупотреби во изборниот процес. Предлагачите на законските измени, пратениците на движењето Социјалисти, засега не дале јавно образложение за причините поради кои ги предлагаат новите правила.
