Јавното претпријатија Државни патишта (ЈПДП), во одговор на прашање на Рацин.мк, објаснува дека намалените плати што им се исплатени на вработените за месец мај се заради грешка на системот за пресметување на платите.
„Во текот на имплементацијата на надградба и модернизација на ERP системот, која има за цел унапредување на деловните процеси, беа констатирани одредени отстапувања при обработката на платите за дел од вработените“, напишаа во одговорот до Рацин.мк.
Истакнуваат дека веднаш по констатирањето на состојбата, започната е детална анализа и проверка на сите пресметки со цел утврдување на причините на евентуалните отстапувања.
„Согласно досегашните сознанија, станува збор за технички аспект поврзан со имплементацијата на системските промени, а не за промена на политиката за исплата на плати или намалување на правата на вработените“, дообјаснуваат од ЈП ДП.
Во одговорот наведуваат дека „по завршување на проверките, сите евентуално утврдени разлики ќе бидат соодветно коригирани во согласност со важечките законски и интерни процедури“.
Одговорот на ЈП ДП доаѓа откако денеска се прошири информација дека вработените во ова претпријатие добиле намалени плати без објаснување што предизвика револт меѓу вработените.
Некои од нив, со кои контактираше Рацин.мк изразија сомневање дека овој потег на раководтвото на ЈП ДП бил прв чекор кон порамнување со цел да се намалат трајно платите кај голем дел од вработените.
Според одговорот што го добивме од ЈП ДП, тие инсистираат дека станува збор само за техничка грешка во системот за пресметка на платите.
