Претседателката без идеја на тема ЕУ и иднина во интервјуто со Попетревски

Прашањето што со месеци стои над македонскиот европски процес повторно се отвори во директен телевизиски разговор: какви гаранции од Европската Унија бара власта за да продолжи патот кон уставни измени и отворање на преговорите?

Во интервју за „360 степени“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше соочена со прашањето дали интерпретативни или објаснувачки заклучоци на Советот на ЕУ навистина можат да бидат гаранција дека Бугарија нема повторно да користи вето за билатерални прашања во текот на пристапните преговори.

Прашањето беше поставено во контекст на изјавите на нејзиниот надворешен соработник Драган Тилев, кој говореше за можност Советот на ЕУ да донесе општи, начелни заклучоци поврзани со заштитата на идентитетот и уставниот суверенитет на државите. Сиљановска-Давкова рече дека е запознаена со таквата варијанта и дека и самата упатувала на можни решенија во таа насока.

Но, клучниот момент во разговорот дојде кога беше поставено директното прашање: дали такви заклучоци можат да ѝ го одземат правото на вето на Бугарија или на која било земја членка. Претседателката призна дека тие не го одземаат правото на вето, кое останува до крајот на преговорите, но посочи дека идејата е ветото да не може да се користи за секој кластер и секое поглавје, туку да се врзе за крајната фаза пред членството.

Со тоа, дебатата се префрли од политичката порака кон правната изводливост. Ако правото на вето не може да се укине со заклучоци, тогаш останува дилемата дали власта бара реална правна гаранција или политичка формула што ќе овозможи излез од блокадата без целосно отстапување од претходните позиции.

Попетревски ја отвори и таа дилема, прашувајќи дали станува збор за решение што на англиски би се нарекло „face saving“ – начин власта да го зачува образот во ситуација во која правни гаранции најверојатно не можат да се добијат. Сиљановска-Давкова го отфрли таквото толкување, велејќи дека образот се чува со доследност кон јавно кажаното.

Претседателката повтори дека не може да договара уставни измени во кабинет, со амбасадори или со други политички актери, затоа што конечната одлука е во Собранието. Таа нагласи дека никој не може однапред да гарантира исход на уставни измени, бидејќи тоа би значело суспендирање на парламентарната демократија.

Во разговорот таа се повика и на европските принципи, на заштитата на националниот и културниот идентитет, достоинството и уставниот поредок, тврдејќи дека Преговарачката рамка не може да има тежина на устав. Според неа, решение може да се бара преку добра волја, креативни правни толкувања и пошироки европски принципи.

Сепак, интервјуто ја остави отворена суштинската дилема: што точно бара власта од ЕУ, како тоа би се претворило во обврзувачка гаранција и дали таквата гаранција навистина би спречила ново бугарско вето или само би ја олеснила политичката позиција пред домашната јавност.

На крајот, Сиљановска-Давкова призна дека не може да каже оти проблемот со Бугарија ќе исчезне дури и ако билатералните прашања се извадат од рамката. Таа рече дека верува во мерки за градење доверба, инфраструктурни проекти, универзитетски размени и поинаков пристап меѓу двете општества, додавајќи дека вината е на обете страни.

Најчитано