Македонскиот режисер во интервју за „Трилинг“ зборуваше за иселувањето, трагедијата во Кочани, корупцијата во филмскиот сектор и својот нов игран филм.
Светски признатиот македонски режисер Милчо Манчевски, во интервју за телевизискиот магазин „Трилинг“, испрати остра дијагноза за состојбата во Македонија, зборувајќи за иселувањето, институционалните слабости, трагедијата во Кочани и неговата борба против неправилностите во филмскиот сектор.
Осврнувајќи се на 35 години македонска независност, Манчевски рече дека луѓето не ја напуштаат државата исклучиво поради економски причини.
„Не си одат луѓето само за поголема плата. Повеќе си одат за правда, за тротоари по кои можат да одат и за чист воздух“, изјави Манчевски за „Трилинг“.
Според него, државата не ја определуваат само знамето, јазикот и другите национални симболи, туку и можноста граѓаните да живеат во праведно и функционално општество. Тој оцени дека јавноста премногу долго се занимава со минатото, додека создавањето извесна иднина останува на втор план.
Манчевски зборуваше и за документарниот филм „Добри луѓе“, снимен непосредно по трагедијата во Кочани. Како што објасни, целта била да се зачуваат сведоштвата на преживеаните и на семејствата на жртвите додека сеќавањата се свежи.
„Сакав да се фокусирам на луѓето и на човечката трагедија, да останат запишани зборовите на директните учесници“, рече режисерот.
Филмот е целосно финансиран со негови средства, а приходите се наменети за Кочани. Меѓу сведоштвата Манчевски го издвои примерот на човек кој шестпати се враќал во запалениот клуб за да спасува луѓе што биле во бессознание, определувајќи ја приказната како судир меѓу бруталноста и човечноста.
Во интервјуто тој повторно зборуваше и за, како што ја нарече, „филмската мафија“ во Македонија. Манчевски тврди дека бил блокиран речиси четири години откако пријавил корупција, местени конкурси и злоупотреби во филмскиот сектор.
Според режисерот, неговите тврдења добиле потврда преку две судски пресуди против Агенцијата за филм, како и преку наодите на Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Министерството за култура и „Транспаренси интернешнал“.
Манчевски откри дека неговиот нов игран филм „Сестра, брат и шахта“, со работен наслов „Збогум Копа Кабано“, е завршен. Светската премиера се очекува на фестивал од А-категорија, а македонската публика би требало да го види филмот кон крајот на ноември.
„Заталкавме во лакомост и нечовечност. Се создаде простор лошите да бидат силни, но тоа не ја менува нашата лична посветеност секојдневно да правиме добро“, порача Манчевски.

