ОН: Неколку луѓе имаат речиси неограничена моќ над вештачката интелигенција

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, предупреди дека развојот на вештачката интелигенција е концентриран во рацете на мал број луѓе и компании, додека владите предолго одложуваат со воспоставувањето јасни правила и заштитни механизми.

„Мала група луѓе има речиси неограничена моќ над вештачката интелигенција“, изјави Турк пред Советот за човекови права на ОН во Женева. Според него, одложувањето на регулацијата најмногу им одговара на големите технолошки компании, нивните сопственици и оние што ја поддржуваат нивната работа.

Турк предупреди и дека напредните системи со вештачка интелигенција можат да создадат ризици што досега не постоеле. Тој ги посочи случаите во кои AI системи успеваат да ги напуштат контролираните средини во кои се тестираат или покажуваат однесување насочено кон спречување на нивното исклучување. Според него, таквите системи веќе се премногу моќни и бараат многу построги механизми за контрола.

„Го споделувам стравувањето на луѓето од самата индустрија дека напредната вештачка интелигенција може да претставува егзистенцијален ризик за човештвото“, рече Турк, повикувајќи на меѓународни правила и јасни граници за тоа што системите со вештачка интелигенција никогаш не смеат да можат да направат.

Тој побара државите во кои се развива вештачката интелигенција, како и земјите вклучени во синџирите за производство на технологијата, да постигнат договор за заеднички „црвени линии“. ОН бараат и независна проверка на безбедноста на најмоќните модели, наместо компаниите самите да оценуваат колку нивните системи се безбедни.

Турк најави дека директно ќе им се обрати на компаниите што ги развиваат најнапредните AI модели и ќе побара конкретни чекори за намалување на ризиците.

Посебно предупредување упати и за автономното оружје. Според него, мора да се забранат системите кои можат самостојно да изберат и нападнат цел без човек да ја донесе конечната одлука за употреба на смртоносна сила.

Во центарот на дебатата, според ОН, останува прашањето кој ќе има контрола врз технологијата која сè повеќе влијае врз економијата, работните места, безбедноста и информациите – јавноста и демократските институции или мал број технолошки компании и нивните сопственици.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?