Нова дипломатска и вербална ескалација меѓу Турција и Израел дополнително ги заостри веќе нарушените односи меѓу двете земји, по серија меѓусебни тешки обвинувања на релација Анкара–Тел Авив.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говор пред пратениците од својата партија го спореди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Адолф Хитлер, оценувајќи дека израелските воени активности во регионот претставуваат закана не само за Сирија и Либан, туку и за пошироката регионална безбедност.
Ердоган порача дека Турција нема да прифати „свршени факти“ во соседните држави и предупреди дека Анкара внимателно ги следи случувањата во источниот Медитеран, вклучително и интересите на кипарските Турци. Тој го обвини Израел за дестабилизација на Блискиот Исток и делови од Африка, опишувајќи ја израелската политика како извор на конфликти и поделби.
Во најостриот дел од говорот, Ердоган направи споредба со периодот пред Втората светска војна, тврдејќи дека „молкот пред Хитлер“ денес се повторува преку меѓународната реакција на состојбата во Појасот Газа.
Од Тел Авив следеше остар одговор од премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“, обвинувајќи го за кршење на човековите права, репресија врз политичките противници и поддршка на Хамас.
Нетанјаху ги отфрли обвинувањата за израелските операции во Газа и порача дека Израел ќе продолжи со воени активности против Иран и неговите сојузници. Тој додаде дека Израелските одбранбени сили остануваат „најморалната армија во светот“ и дека ќе продолжат со, како што рече, силни акции во регионот.
Последната размена на обвинувања претставува ново продлабочување на кризата во односите меѓу Турција и Израел, кои и претходно беа затегнати поради војната во Газа и пошироките регионални тензии.
