Генерација која чекаше да дојде „утре“

генерација

Македонија, за жал, три децении живее како земја која постојано се подготвува да тргне, но никогаш не заминува.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Пред неколку дена, во еден долг разговор со пријател малку постар од мене, слушнав приказна која, иако лична, некако ми се виде како колективна биографија на цела една македонска генерација.

Некаде во 1993 или 1994 година, како одличен средношколец, полн со амбиција, тој се запишува на факултетот за кој несомнено имал голема желба да го студира исполнет со елан, надеж и љубов кон Македонија. Во тие години, како што ми посочи, млад, во еден краток период му се отвора и една поинаква можност. Успева туристички да го посети Њујорк. А, кој не бил фасциниран од Големото јаболко па и мојов пријател. Како што вели бев маѓепсан од сѐ што видов. И, како што бива редот таму се дружи извесно време со нашинци од кои добива и една неочекувана понуда. Многу сурово и едноставно за гурбетџии му рекле:

„Остани. Шест месеци од нас имаш кревет и храна. Потоа е на тебе. Ако не се снајдеш, нема што да бараш тука.“

Размислував, искрено, неколку дена ми вели и на крај се вратив во Скопје. Не се вратив затоа што ме исплаши Њујорк, ниту пак затоа што немав амбиција. Напротив. Ми вика се вратив затоа што верував дека мојава Македонија — новата, независна, млада држава — е пред голем развој. Верувал мојов другар дека прашање на време е кога земјата ќе почне да расте економски, кога институциите ќе созреат, кога демократијата ќе се консолидира, и дека тука некаде две-три години (или 1996 според овој тајмлајн) ќе станеме нормално европско општество. Верувал дека вреди да остане дома. А тука бил и факултетот и професијата, која ја сакал. Животот кој допрва требало да се гради.

Приказнава е стара скоро 30 години и за жал или за добро другаров ја нема изгубено целосно надежта дека ќе станеме „нормална“ држава. На крајот од муабетов ме праша:

„Што мислиш, згрешив ли тогаш?“

Прво му одговорив на шега.

„Што ќе правеше бе во Њујорк?“

Но кога ја видов искреноста во неговиот поглед, некако тивко промрмлав:

„Можеби… си згрешил.“

Неколку дена го мислам и него и моите приказни за пропуштени приказни за Лондон, за Универзитетот во Илиноис катедра за новинарство, за Бон – Германија и уште неколку други. И сфаќам дека сите ние цел живот инвестираме овде во една надеж.

Надеж дека земјата во која останавме конечно ќе стане нормална.

Денеска, во 2026 мојов пријател е на некои пет години до пензија. Но, не онаа вистинската, заработена преку стабилна кариера и сигурна професионална траекторија. Таа нема да ја оствари туку ќе стекне пензија која доаѓа по сила на возраст, бидејќи неговата животна и професионална приказна, како и на многумина овде, никогаш не доби нормален тек.

И неговата надеж, која на рати трае уште од 1993 година, денеска полека се претвора во една болна реалност. Дека можеби ни следните дваесет години нема да бидат доволни за да дочека Македонија да стане држава каква што ја замислувал.

Во меѓувреме, светот продолжува.

Украина и Молдавија веќе ги започнаа преговорите за членство во Европската Унија.

Црна Гора влегува во последната фаза од процесот.

Србија, и покрај товарот што го носи прашањето со Косово, одамна преговара.

Во Европа денес остануваат само три држави без започнати суштински преговори.

Македонија.

Босна и Херцеговина.

Косово.

Како за крај баталете ги вредностите на ЕУ доколку не ви се допаѓаат, но еве ви ја бруталната реалност на капиталот. Ниту една современа држава не живее без задолжување. Не постои економија во светот која нема надворешен долг.

Едни држави тој долг го сервисираат во предвидлив систем на правила, институции и економска стабилност. Други живеат во постојана неизвесност, политички импровизации и хронично одложување на сопствената иднина.

Македонија, за жал, три децении живее како земја која постојано се подготвува да тргне, но никогаш не заминува.

На крајот од разговорот, истиот мој пријател ми кажа реченица која, признавам, долго ми остана во глава.

„Се плашам дека до крајот на животот ќе можам да кажам дека сум живеел само во една нормална држава. СФРЈ.“

И некако ова мене лично ми е најголемата трагедија на современа Македонија, а не фактот дека не сме станале успешна држава.

Туку што неколку генерации ги потрошија своите најдобри години чекајќи денот кога конечно ќе почнеме да стануваме нормална држава.

А тој ден, барем засега, сè уште упорно доцни.

Најчитано